ПОВЕЌЕ

    ЗА ДВА МЕСЕЦИ ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА СЕ НАМАЛИЛА ЗА 731 ДЕНАР, а синдикалната кошница се зголемила за 954 денари?!

    Време зa читање: 4 минути

    Анализа: Што се случува со стандардот низ призмата на синдикалната кошница и платите?

    Просечните нето-плати од декември до февруари се намалуваат, а синдикалната кошница упорно поскапува. Во март имаше раст на минималната плата, па очекувањата се дека ќе има и раст на просечната нето-плата. Но, прашањето е – дали тој раст ќе ја подобри покриеноста на кошницата со заработувачката.

    Анализата на порталот „Пари“ дава прилично разочарувачка слика за случувањата со животниот стандард. Во периодот од декември до март (заклучно со февруари), просечната нето-плата се намалила за 731 денар! Во истиот тој период цената на синдикалната кошница се зголемила за 954 денари!?

    Сѐ уште нема податоци за просечна плата за март и за април, и очекувано е поради мартовскиот раст на минималната плата да се зголеми и републичкиот просек на нето-плати. Сепак, факт е дека априлската кошница е поскапа за 3.036 денари во однос на февруарската, а порастот на минималната плата, пак, е 2.392 денари.

    НИШТО БЕЗ ДВЕ ПРОСЕЧНИ ПЛАТИ

    Согласно податоците, значајно се намалува покриеноста на синдикалната кошница со просечна плата. Така, ако во декември минатата година покриеноста била 71,1%, во јануари била 69,2%, а веќе во февруари изнесувала 68,6%. Две просечни плати во семејството, секако, ќе ја покријат синдикалната кошница. Притоа, лани во декември останал плус од 23.777 денари, во јануари годинава плусот се намалил на 21.921 денар, а во февруари на 21.358 денари. За анализа на март и април ќе мора да се почекаат статистичките податоци за просечните плати.

    Но, овој плус не значи дека семејствата со две просечни плати имаат пари за некој посебен луксуз. Поточно би било да се каже дека тие имаат пари за еден подостоинствен живот, затоа што пресметката на синдикалната кошница е по строги критериуми за најскоромна живеачка. Од декември има нова методологија и оттогаш се пресметуваат и трошоци за поседување на еден мал автомобил (порано синдикалната кошница беше за семејство без автомобил), но и понатаму тие се на кус синџир за трошоците, па можно е да се купи само два пати сендвичи надвор, а за одење во ресторан или одмор, макар во некој пансион со една ѕвездичка, не станува збор:

    „Семејството ги купува само основните прехранбени производи и притоа прават споредби на производите барајќи ги тие со пониски цени. Можат да си ги дозволат само основните производи за домаќинството. Кога купуваат облека секогаш предимство им даваат на производите коишто имаат попуст. Поседуваат еден мал автомобил, а повозрасното дете има и месечен билет за автобуски превоз. Сите членови на семејството се здрави и користат главно превентивни или најнеопходни здравствени услуги. Не можат да си дозволат да јадат во ресторани, единствено два пати месечно можат да си дозволат храна од сендвичара и одат на одмор во бунгалов во Дојран 7 дена во јуни“, ја објасни пресметката на синдикалната кошница Сојузот на синдикати.

    РАСТОТ НА МИНИМАЛНИТЕ ПЛАТИ НЕ ГО СЛЕДИ ПОСКАПУВАЊЕТО НА СИНДИКАЛНАТА КОШНИЦА

    Од април се исплаќаат повисоки минимални плати. Растот на минималната плата е за 2.392 денари. Но, ако се спореди со движењата кај синдикалната кошница, која од февруари до април се зголеми за 3.063 денари, јасно е дека тој раст на минималецот не го следи поскапувањето.

    Анализата на „Пари“ покажува дека ако во едно четиричлено семејство двајцата работат, а имаат минимални плати, сѐ уште се далеку од покриеност на синдикалната кошница. Сепак, со растот на минималната плата јазот се намалува. Веднаш по нејзиниот мартовски раст, јазот меѓу синдикалната кошница и две минимални плати се намалил од 16.826 денари во февруари на 13.864 денари во март. Но, зголемувањето на цените по одмрзнувањето кај производите за основна прехрана, како и растот на други ставки, значајно ја поскапеа синдикалната кошница, па повторно се зголеми јазот достигнувајќи 15.078 денари во април. Но, најмал е во однос на анализираниот период од декември 2023 година.

     

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично