ПОВЕЌЕ

    Време е државата да се сврти кон економијата – во СКСМ отворен Центар за поддршка на мали, микро и средни претпријатија

    Време зa читање: 5 минути

    Двојните избори што ќе се одржат годинава ќе ја блокираат економијата, а најзагрозени ќе бидат микро, малите и средните претпријатија, кои се мошне значаен и витален дел од домашната економија. Од вкупниот број активни деловни субјекти во државата нивното учество е 99,6 проценти, а обезбедуваат околу 70 отсто од вкупниот број вработени – беше посочено на промоцијата на Центарот за микро, мали и средни претпријатија, формиран во рамките на Стопанската комора, како нова алатка за поддршка на нивниот развој.

    Во додадената вредност, пак, учеството на ММСП е многу помало во однос на големите компании и тоа е клучен предизвик како да им се помогне да остварат раст и да придонесуваат во поголема мера кон националната вработеност и да креираат додадена вредност.

    „Во нашата Комора структурата на членството кореспондира со структурата на деловните субјекти дефинирани според нивната големина. Така, 86 проценти од вкупните активни членки во СКСМ се во групата на микро, мали и средни претпријатија. Затоа, за нас клучен предизвик во наредниот период ќе биде – како на овие компании да им се помогне да остварат поголем раст и да придонесат во креирање на  поголема додадена вредност“, вели извршниот директор на СКСМ, Антони Пешев.

    Пред и поизборниот период ќе зафати веројатно половина од годината, што истовремено значи и исто толку време нефункционална држава. Државата треба да има механизми кои ќе и овозможат на економијата да пребродува вакви периоди, смета Пешев. Воедно, додава, домашната економија издржува само затоа што направи големо пренасочување на активностите кон надвор, па значаен дел од извозот ги спасува стабилноста на денарот и функционалноста на компаниите.

    Наспроти тоа, најголемата поддршка од државата е насочена кон администрацијата, а економијата е оставена самата на себе, вели Пешев, кој им порача на политичките партии – да седнат и да се договорат кади оди државата.

    „Цениме дека ова е вистински момент да почнеме сериозно да говориме за економијата и за потребата државата да се врати назад на вистинскиот фокус, а тоа е дека без економска активност, без бизнис, без стопанство, не може да постои. Државата не може да постои само со постоење на администрација“, дециден е Пешев, кој напоменува дека е „навредливо она што ни се случува сите овие години“, укажувајќи на комуникацијата со владејачките гарнитури, кои „овде говорат едно, а низ годините и низ владеењето се случува нешто сосема друго“.

    Затоа, според него, партиите кои претендираат да дојдат на власт треба да имаат фокус на бизнисот.

    „Не случајно Комората сака да помогне што е можно повеќе компании да работат за извоз, да не зависат од моменталните случувања во државата кои особено во сегментот на мали, микро и средни претпријатија се одразуваат драматично. Затоа цениме дека таму се штетите и тие може да бидат поголеми од апсолутниот износ колку што ќе им се даде на партиите во процесот на избори“, вели Пешев.

    Воедно, нагласи, компаниите мора да работат, затоа што на тој начин создаваат пари и плати. Не чекаат пари од буџетот, туку работат во интерес и на државата.

    „Нема перпетуум мобиле економија, државата ќе ги дава парите на администрацијата, администрацијата ќе купува во продавници и од тоа ќе се пресметува ДДВ, а ДДВ-то ќе го полни буџетот. Тоа не функционира. Тоа е круг кој ќе трае многу кратко. Ако не се создава нова вредност, ако не функционира економијата, ако не се става нова вредност, ништо не е употребливо“, дециден е Пешев.

    „Доколку ММСП сакаат да останат конкурентни и да играат позначајна улога и на внатрешниот и на меѓународниот пазар, мора постојано да се надградуваат, растат, да го зголемуваат бројот на вработени, опсегот на производи и услуги, бројот на пазарите на кои настапуваат, а со тоа да остваруваат и поголем профит, за што е потребно континуирано следење и имплементирање и на стандардите. Токму во тој дел Центарот ќе има значајна улога“, нагласи претседателката на Центарот за ММСП, Габриела Кулебанова.

    Потврдено е вели, дека овие пртепријатија го поттикнуваат процесот на воведување иновативни решенија, тие се активни креатори и следбеници на новите текови кои глобалните пазари ги инсталираат. Сепак, нивна слабост е тоа што самите не се во можност да имплементираат големи процеси за кои се потребни соодветни инвестиции, кадар и опрема. Притоа, се соочуваат и со недостиг од соодветни менаџерските вештини и капацитет на работната сила.

    Оттаму, Центарот ќе биде насочен кон креирање програми и услуги кои ќе бидат корисни за ММСП, а ќе имаат можност и за консултации и стручна помош за обезбедување финансиска поддршка. Исто така, меѓу другото, тука ќе можат да добиваат навремени информации за состојбата на пазарот, следење на прописите, пристап и поддршка за иновации и развој на нови технологии во бизнисите, помош за пристап до фондови за инвестициски развој, регрутација на работна сила, пристап до обуки за преквалификација… Со единствена цел да се зголемат капацитетите на микро, малите и средните претпријатија преку програмите на Европската унија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично