Во првите три месеци од годинава се основани 1.983 нови компании, покажуаат податоците од платформата БизнисМрежа.мк. За минатата, пак цела година, Централниот регистар (последно ажурирање) забележал 8.662 упишувања на компании. Ако продожи со вакво темпо отворањето на фирмите, првиот впечаток е дека годинава ќе ја завршиме со помала бројка на новоотворени фирми од лани.
Порталот „Пари“, низ призмата на овие новоотворени фирми, покажува каков е нивниот интерес во однос на изборот на матичната банка. Досега обработените податоци покажуваат дека најголем интерес имало за НЛБ Банка – каде отвориле сметка 476 новоотворни фирми. Или, секоја четврта новоотвтворена фирма, ја избрала НЛБ Банка за своја матична банка. Токму ваков резултат лани имаше Халк Банка, која тогаш беше избор на секоја четврта новооснована компанија. Но, и сега Халк Банка е добро позицинирана, односно таму сметка отвориле 381 нов субјект и е на второто место по интерес на компаниите. Имено, Халк Банка за своја матична банка, барем според досегашните податоци за првите три месеци, ја избрале 19,2 отсто од новоотворените субјекти.
ТОП 5 БАНКИ ЗА ИЗБОР НА НОВООТВОРЕНИ СУБЈЕКТИ ВО ПРВИОТ КВАРТАЛ ОД 2022
Банка | Новоотворени субјекти |
---|---|
НЛБ Банка АД Скопје | 476 |
Халк Банка АД Скопје | 381 |
Комерцијална Банка АД Скопје | 309 |
Стопанска Банка АД Скопје | 228 |
Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје | 118 |
Забелешка: Податоците не се конечни и можно е да има промени
Во кои градови има најмногу новоотворени фирми и која банка ја избрале?
Во текот на целата мината година, ТОП 5 градови по новотворени сметки на фирми биле Скопје, Тетово, Куманово, Битола и Гостивар. Во првото тримесечие од годинава во првите ТОП 5 градови во новоотворени правни субјекти влегува и Охрид, а излегува Куманово.
Очекувано, најголем дел од новоотворените фирми се од Скопје – 863, и скопските фирми најмногу биле ориентирани кон НЛБ банка каде своја сметка отвориле 251 субјект, па потоа е Халк банка со 182 нов правен депонент и Комерцијална банка која за примарна банка ја избрале 162 новоотворени компании.
На второ место по број на новотворени фирми е Битола со 99 новоотворени правни субјекти. На првите три места по апсорпција на нови деловни субјекти се НЛБ со 24 нови деловни субјекти и Стопанска банка – Скопје и Стопанска банка Битола кои имаат по 14 нови правни субјекти.
Тетово е на трето место по број на новотворени фирми во првиот квартал од 2022 година и има 95 нови правни субјекти, но за 36 нема утврдено банка, односно град каде се наоѓа матичната банка.
Гостивар е четвртиот град во кој новите деловни субјекти отвориле најмногу сметки. Притоа, од 74 новоотворени правни субјекти во Гостивар, 23 се нови депоненти во Халк банка, 16 на НЛБ банка и 15 на Стопанска банка – Скопје.
На петтото место е Охрид. Таму се отвориле 73 нови компании. Од нив, најмногу ја избрале Халк банка и Стопанска банка – Скопје, по 15 правни субјекти, потоа НЛБ – 13 и Комерцијална банка – 10.
5 ТОП ГРАДОВИ ПО НОВОТВОРЕНИ ФИРМИ И 3 НАЈИЗБРАНИ БАНКИ
Град | Новоотворени субјекти | Најизбрана банка | Втора по избор банка | Трета по избор банка |
---|---|---|---|---|
Скопје | 863 | НЛБ банка (251) | Халк банка (182) | Комерцијална (162) |
Битола | 99 | НЛБ Банка (24) | Стопанска –Скопје (14) Стопанска -Битола (14) | Комерцијална банка (13) |
Тетово | 95 | Непозната (36) | Халк банка (14) | ТТК банка (10) |
Гостивар | 74 | Халк банка (23) | НЛБ Банка (16) | Стопанска –Скопје (15) |
Охрид | 73 | Стопанска – Скопје (15) Халк банка(15) | НЛБ банка (13) | Комерцијална банка (10) |
Најмногу новоотворени трговски фирми: Кој и каде избрал сметка ?
Од 1983 новоотворени фирми во првото тримесечие од 2022 година, 465 се од секторот трговија. Трговските компании, најмногу за своја матична компанија ја избрале Халк банка – 111 правни субјекти, на второ место, како нивен избор е НЛБ банка –104 и на трето е Комерцијална – 60 трговски фирми.
На второ место се новоотворени правни субјекти кои се со шифра „Други услужни дејности“. Во првото тримесечие се отвориле 225, а нивен фаворит била НЛБ банка и таму станале депоненти 66 компании, на второ место е Халк банка со 36 нови фирми од оваа дејност и на трето е Комерцијална банка со 29 фирми.
Во дејноста „Објекти за сместување и сервисни дејности со храна“ има 186 новоотворни компании со што тие се најдоа на третото место на рангирање, за разлика од минатата година кога беа на петото. НЛБ банка ја избрале 41 компании во оваа дејност и таа е нивен фаворит. На второ место е Халк банка со 37 субјекти од дејноста, а на трето е Стопанска банка – Скопје со 32 фирми.
Во првите 3 месеци од годинава се отвориле и 168 нови градежни фирми, а најмногу од нив ја избрале Халк банка –41 . Потоа, е НЛБ банка која е избор на 35 градежни фирми, а на трето место е Комерцијална банка со 27 нови депоненти од сферата на градежништвото.
На петтото место по бројот на новотворени фирми се наоѓа преработувачката индустрија –158 нови фирми. Првиот избор од овие фирми најмногу се реализирал во Халк банка – 33 компании, потоа во Комерцијална банка – 32 и во НЛБ банка – 30.
5 ТОП ДЕЈНОСТИ ПО НОВОТВОРЕНИ ФИРМИ И 3 НАЈИЗБРАНИ БАНКИ
Дејност | Новоотворени субјекти | Најизбрана банка | Втора по избор банка | Трета по избор банка |
---|---|---|---|---|
Трговија | 465 | Халк банка (111) | НЛБ банка (104) | Комерцијална банка (60) |
Други услужни дејности | 225 | НЛБ банка (66) | Халк банка (36) | Комерцијала банка (29) |
Објекти за сместување и сервисни дејности со храна | 186 | НЛБ банка (41) | Халк банка (37) | Стопанска банка – Скопје (32) |
Градежништво | 168 | Халк банка (41) | НЛБ банка (35) | Комерцијална банка (27) |
Преработувачка индустрија | 158 | Халк банка (33) | Комерцијална банка (32) | НЛБ банка (30) |
Она што може да се заблежи од податоците е дека истите дејности и на почетокот од годинава се со најмногу новоотворени фирми, како што беше и во 2021 година. И во овие најескпанзивни дејности, три банки се постојано во игра: НЛБ банка, Халк и Комерцијална банка.
Редакција Пари