Друштвата што управуваат со пензиските фондови, во 2024 година бележат стабилен раст и од аспект на членството и според постигнатите финансиски резултати. Вкупните средства на задолжителните пензиски фондови лани достигнале 162,85 милијарди денари или 2,6 милијарди евра, проследени со зголемување од 20,45 насто. Средствата на доброволните фондови имаат нешто повисок процентуален раст – од 21,74 насто, а сумата е 4,36 милијарди денари, односно 70,9 милиони евра. Со ова, вкупните пензиски заштеди од вториот и третиот столб надминуваат 17,62 отсто од од БДП.
Во текот на годината, во задолжителните фондови биле префрлени 15,48 милијарди денари (251,7 милиони евра) придонеси, што е 1,63 проценти од БДП. Во доброволните фондови се уплатени 533,9 милиони денари (8,7 милиони евра), а тоа е 0,06 отсто од БДП.
Според податоците од годишниот извештај на МАПАС, бројот на членовите и на времено распределените осигуреници во задолжителниот пензиски фонд е 610.855 лица. Во овој сегмент е забележано зголемување од 17.832 членови или за 3,01 насто повеќе во споредба со 2023 година.
Најголемиот дел од осигурениците се во двата најголеми фонда: 46,05 отсто од нив се во КБ Прво пензиско друштво, а 42,84 отсто во Сава пензиско друштво. По шест години опстојување на пазарот, кај Триглав пензиско друштво се 11,11 проценти од вкупното членство. Меѓутоа, лани учеството на големите благо опаднало – за околу еден процентен поен, а Триглав регистрирал раст од два процентни поени.
Од вкупното членство на вториот столб, 61.556 лица (10%) се во доброволните фондови, додека 549.299 (90%) се задолжителни членови. Сепак, останува проблемот со ниската стапка на потпишување договори за членство – само околу 12 отсто од новите осигуреници во 2024 формално потпишале договор, додека останатите 88 проценти останале во фондовите каде што биле распределени автоматски.
Големината на друштвото влије и врз приходите. КБ Прво пензиско друштво има највисоки годишни приливи од 453.944.952 денари (7,4 милиони евра) и раст од 14 насто. Во тој износ, средствата од управувањето со задолжителниот пензиски фонд учествуваат со 393.499.872 денари (6,4 милиони евра).
Кај Сава пензиско состојбата е – раст од 16 насто и вкупно 421.179.354 денари (6,84 милиони евра), од кои 353.566.047 денари (5,7 милиони евра) се од задолжителниот пензиски фонд.
Тоталот кај Триглав пензиско е 80.547.320 денари (1,3 милиони евра), со удел од 69.005.312 денари (1,1 милион евра) од управувањето со задолжителниот пензиски фонд.
ВФП пензиско друштво, управува само со доброволниот пензиски фонд, па затоа лани регистрирал вкупен приход од 3.192.985 денари (51,9 илјади евра).
Друштвата кои управуваат со парите на пензиски фондови, имаат неколку законски утврдени канали за финансирање. Наплатуваат надоместоци од придонеси, од средствата на пензиските фондови и од преминувањето од едно во друго друштво. Исто така, остваруваат финансиски приходи и од вложувањата на слободните парични средства во депозити и хартии од вредност, согласно Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.
Како што се наведува во извештајот на МАПАС, инвестициското портфолио на задолжителните пензиски фондови во 2024 година се состои од домашни инвестиции – државни хартии од вредност (64,93%), депозити (1,68%), акции (2,02%) и удели во инвестициски фондови (0,43%); како и инвестиции во странство – странски државни обврзници (0,90%), корпоративни обврзници (0,15%), удели на инвестициски фондови (25,70%) и акции (3,29%).
И минатата година две друштва работеле со добивка, а две со загуба. КБ Прво прво пензиско друштво кај финансиските резултати има регистрирано нето-добивка од 226.561.100 денари или 3,7 милиони евра. Во овој сегмент растот е 20 проценти. А, акумулираната добивка изнесува 476.775.173 денари (7,7 милиони евра).
Во Сава пензиско е регистрирана нешто повисока годишна промена (+22%), при што добивката брои 165.644.129 денари (2,7 милиони евра). И, има акумулирана добивка од 505.605.654 денари (8,2 милиони евра).
Од друга страна, Триглав пензиско веќе шеста година работи со загуба. Од МАПАС тоа го објаснуваат со сѐ уште малиот број членови во задолжителниот пензиски фонд што влијае врз приходите, а трошоците се значителни. И за ВФП пензиско друштво, кој управува само со доброволен фонд, а бележи негативен резултат, МАПАС оценува дека е тоа очекувано во раните години на работење.
За периодот од 2018 до 2024 година, задолжителните фондови оствариле просечен годишен принос од 5,03 проценти номинално, односно 0,16 проценти во реален износ. Доброволните фондови имаат нешто подобар резултат – 5,33 проценти номинално и 0,44 проценти реално.
„Во однос на приносот на пензиските фондови, во 2024 година се забележува мал раст на приносот и во номинален и во реален износ за седумгодишниот период 2018-2024 година и на задолжителните и на доброволните пензиски фондови. Сепак зголемувањето на промената на нивото на трошоците на живот, сведена на годишно ниво, сè уште изразено влијае на износите на приносот во реален износ и во 2024 година“, наведено е во извештајот на МАПАС.
M.A.