ПОВЕЌЕ

    ВЕЛИКИ ПЕТОК, ДЕН НА ХРИСТОВОТО СТРАДАЊЕ – СИМБОЛИКА, ТРАДИЦИИ, ПРАЗНУВАЊЕ

    Време зa читање: 6 минути

    Денес е големиот ден, Велики Петок, кој е христијански празник, а воедно е и неработен ден. Секој ден од оваа недела која е најтешка од велигденскиот пост има посебно значење и посебни обичаи.

    Велики Четврток и Велики Петок се празници кои се преполнети со древни обичаи, традиции и врвни моменти од библиската причина на „Страсната седмица“. Овие два дена го подигнуваат верското восхитување и размислување за значењето на верата и жртвата. Велики Петок  е посветен на спомнувањето на осудувањето на смрт, Крстните страдања и смртта на Исус Христос.

    Луѓето размислуваат за страданијата на Исус, за значењето на жртвата и за божјата милост. Впрочем, овие тивки и споделени размислувања, верниците ги носат низ целиот живот  и ги потсетуваат за важноста на верата и почитувањето кон Христовата жртва.

    Според православната традиција, на Велики Петок, месото се избегнува во било кој оброк на денот како израз на почит, пост и скромност. Лебот не се меси на овој ден поради религиозната почит на светоста. Актот на месење на лебот кој ја претставува храната на Христовата телесна жртва, се избегнува.

    Во христијанството, лебот има симболично значење како тело на Исус Христос. Според библиските записи, се верува дека Исус на вечерата пред своето распнување изјавува дека со лебот живее човекот и со секој збор што излегува од Божјата уста. Ова ги поттикнува христијаните да се хранат со Божјата реч, со духовната храна како и со физичкиот леб. Во христијанството, давањето на леб на оние кои имаат насушна потреба за истиот е дел од христијанската одговорност кон ближниот во согласност со учењето на Исус за љубовта и милосрдието кон сите луѓе. На Велики Петок, традиционално, верниците не месат леб како израз, повторно на покорност кон Исус и спомен на Неговата жртва во насока на одржување на светоста на денот.

    Велики Петок се празнува со свети литургии и принесување на бескрвна жртва, со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји.

    Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос.

    Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовото погребува.

    Православниот канон за Велики Петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.

    СТРАДАЊЕТО НА ИСУС И РАСПНУВАЊЕТО

    Велики Петок е најтежок празник во христијанската религија. Настанот кој е поврзан со овој празник е Христовото распнување на крстот. Распнувањето на него била најтешката и најсрамната казна во времето на Римската империја.

    Најпрво, Христос бил одведен пред првосвештеникот Кајафа, кој кратко го испрашувал и го затворил. Утредента, Тој бива испрашуван пред Синедрионот, највисокиот еврејски совет за верски прашања составен од 70 највидни членови, фарисеи, книжевници и садукеи. Таму бива распрашуван, и осуден за хула, за што казната била смрт. Сепак, во тоа време само римскиот управител имал право да изрече смртна казна, при што тие го упатуваат кај Понтиј Пилат. Пред него Христос е осуден дека велел дека е цар јудејски; Пилат, гледајќи дека Христос е предаден од зависти и злоба, се обидувал да го спаси, и бидејќи од Галилеја, решава да го испрати кај Ирод, кој управувал со таа покраина. Ирод го исмева Исуса и повторно го враќа кај Пилат, кој попушта пред разбеснетата и поткупена маса и го предава на грубите војници, кои го исмејуваат, понижуваат со удари, бичуваат и го облекуваат во црвена наметка ставајќи му на главата круна од трње, а во рацете, место жезол – трска.

    Но според обичајот, бидејќи Пасха, еден осуденик можел да биде ослободен по волја на народот. И повторно, заблудената и поткупена маса го избира злосторникот Варнава, наместо Синот Човечки. И додека Христос сведочи за Себе пред судот, светиот апостол Петар три пати се одрекнува од него, а Јуда се беси, исполнувајќи го и последното пророштво за него.

    Исуса го водат од затворот и од судот за да Го погубат. Пресудата бива извршена на губилиштето близу градот, на мала височинка наречена Голгота (череп). Евангелијата нагласуваат дека тука се исполнуваат уште два страшни псалми – псалмот 21 („Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“) и псалмот 68 („Спаси ме, Боже, зашто водите стигнаа до душата моја.“). Тука се исполнуваат и најситни детали – војниците фрлаат ждрепка за Неговите алишта, Му нудат оцет и жолчка, присутните презриво нишаат со главите. Покрај првите зборoви на 21 псалм, евангелистите забележуваат уште неколку други нешта кои Христос ги изговорил умирајќи на Крстот:

    • Се моли за Своите мачители: Оче, прости им, зашто не знаат што прават.
    • Му ветува на разбојникот распнат со Него: Навистина ти велам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот.
    • Погледнува кон Јована и ѝ вели на Својата мајка: „Жено, еве ти син,“ а потоа му вели на Јована: „Еве ти мајка“!
    • Небото ги покажуваше знаците на последните времиња: темнина на пладне. Исус гласно извика: „Жеден сум.
    • Околу три часа по раснувањето, односно 3 часот по пладне, нашиот Господ умира на крстот. Повикува на висок глас: „Оче, во Твоите раце го предавам својот дух.“ (Лука 23,46 спореди Псалм 30,5). Свети Јован Богослов, пак, го споменува наклонувањето на главата, и Неговите последни зборови: „Свршено е.“

    БОГОСЛУЖБИ НА ВЕЛИКИ ПЕТОК

    Богослужбите на Велики Петок почнуваат од вечерта на Велики Четврток, кога се исполнуваат светите и спасителни Страданија на Господ Исус Христос. На средината на храмот, пред постаеното Распетие приоѓаат свештенослужителите и ги читаат деловите на Страдалните Евангелија, дванаесет по број. Првото, и најголемото е Јовановото, во кое Господ ни се открива како пат, вистина и живот и како драгоцен дар на Божјата љубов Кој ги соединува луѓето со Него, и еден со друг, меѓусебно. Ова евангелско читање завршува со Првосвештеничката молитва.

    Читањето за Господовите страданија завршува со приказот на запечатувањето на гробот и поставувањето стража, според Евангелието по Матеј.

    На Велики Петок, кога Спасителот бил распнат на Крстот, не се извршува божествена Литургија, а на часовите повторно се читаат евангелијата на Неговите страдања. Вечерната (изнесувањето на плаштеницата) е посветено на погребувањето на Спасителот и обично се извршува во средината на денот. Оваа служба, по својата смисла како повеќе да припаѓа на Велика Сабота. Пред почетокот, на средината на храмот се поставува гроб украсен со цвеќе, а на престолот се поставува плаштеницата на која е насликан Спасителот положен в гроб.

    Прокимените и алилуите се позајмени од пророчките псалми. По дополнителните песнопеења за Христовата смрт, додека се чита молитвата на св. Симеон Богопримец, свештеникот се облекува во полно одејание и ја кади плаштеницата на престолот. Потоа, на Оче наш, кога се пее тропарот, тој ја крева плаштеницата над глава, го обиколува престолот, излегува на средината на храмот, и ја поставува плаштаницата во импровизираниот гроб. Во некои цркви, на вечерната се пее повечерие, или таканаречено Оплакување на Пресвета Богородица.

    (Фото: Христ го носи крстот, Bartolomé Esteban Murillo, cca 1665-1675)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично