Утре ќе се решава по жалбите на трите судијки од Апелација за кои Републичкиот судски совет утврди дека пресудата која ја донеле во Апелациониот суд била донесена незаконски, без одржување јавна расправа, со фалсификувани записници и со документи кои не биле приложени во првостепената постапка, потврдуваат од Врховниот суд.
Врховниот суд на 12 јуни формираше совети кои ќе постапуваат по жалбите на судијките Наташа Савовска Димитровска, Роза Георгиева и Јетмире Ајдини Бошњаку. За првите две судијки РСС донесе одлука за разрешување, додека за Адини Бошњаку се бара парична казна.
За случајот отворена е постапка и во Јавното обвинителство. Од таму за www.pari.com.mk веќе потврдија дека интензивно се преземаат дејствија во предистражната постапка за случајот „Фокуснет против Македонски Телеком“. Кривична пријава е поднесена од страна на министерот за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николовски, за да се утврди како е преиначена одлуката на Основниот суд од страна на Апелација.
Од Обвинителството посочија дека веќе се испитани повеќе лица, целокупната документација од граѓанската постапка е прибавена, а дополнително е обезбедена и одлуката на Судскиот совет, со која беа утврдени сериозни прекршувања при постапувањето на судијките од Апелациониот суд Скопје.
„Се преземаат и други дејствија во предистражна постапка, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука. Во меѓувреме, по предлог на јавниот обвинител, Судот определи мерки за привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции. Јавното обвинителство постапува со приоритет во сите предмети во кои се утврдени сомненија за кривични дела, независно од својството на потенцијалните осомничени лица“, велат од Основното јавно обвинителство за ПАРИ.КОМ.МК.
СПОРНА ПРЕСУДА СО ГОЛЕМИ ПОСЛЕДИЦИ
Овој случај се однесува на пресудата на Апелациониот суд со која Македонски Телеком беше задолжен да ѝ исплати отштета од четири милиони евра на штипската компанија „Фокуснет“. Пресудата од Апелација беше донесена спротивно на претходната одлука на Основниот граѓански суд во Скопје, кој пресуди во корист на Телеком. Основниот суд констатирал дека „Фокуснет“ е фирма со долгогодишно блокирана сметка и без релевантни докази за нејзино работење.
БУЏЕТСКИ РИЗИЦИ И ДРЖАВЕН ИНТЕРЕС
Имајќи предвид дека државата поседува 35% од акциите на Телеком, случајот има значајни финансиски импликации врз јавните средства. Затоа, Јавното обвинителство и Врховниот суд постапуваат со приоритет за да се спречат штети врз државните финансиски интереси.
Истовремено, останува отворено прашањето за поврзаност на одредени адвокати инволвирани во случајот, со друга институција, во случајов со Антикорупциската комисија и евентуален конфликт на интереси.
НОВИНАР:
ГОРАН ТЕМЕНУГОВ