ПОВЕЌЕ

    УКИМ одбележа 77 години од основањето: Јаневска со повик за поголема општествена вклученост на Универзитетот

    Време зa читање: 3 минути

    Со свечена академија и доделување награди на најдобрите дипломирани студенти во академската 2024-2025 година, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денес ја одбележа 77-годишнината од основањето и својот патронен празник – 24 мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј. Покрај ректорката на универзитетот, проф. д-р Биљана Ангелова, поздравно обраќање имаше и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која нагласи дека УКИМ е еден од најголемите двигатели не само на македонското образование, туку и на државата во целина.

    „Генерации и генерации студенти, калејќи се низ амфитеатрите и предавалните на факултетите, станувале врвни професионалци во различни области, станувале научници, инженери, професори, лекари, уметници и се интегрирале во општествените процеси, а некои од нив и ги предводеле. Всушност тоа е и најголемата вредност на универзитетот – кадрите кои со знаење, труд и посветеност придонесувале и придонесуваат за развојот на државата“, рече Јаневска, потенцирајќи дека е горда што и самата како човек и професионалец се изградила низ оваа установа, а потоа и дала придонес во исполнувањето на нејзината образовна и научна мисија.

    Јаневска посочи дека важноста на УКИМ постојано расте, како што се зголемува и важноста на сите други универзитети, затоа што, како што рече – до ден денес непобивлива е вековната теза дека образованието, односно знаењето е најмоќната алатка за личен и општествен просперитет. Само со знаење се носат мудри и исправни одлуки, а се креираат и иновации кои го движат светот.

    „Важно е образованието да се адаптира на глобалните трендови и стандарди за квалитет, а сигурна сум дека УКИМ е определен кон тоа и дека ќе ја добива како и досега потребната поддршка од државата. Барем од оваа Влада која, пак, цврсто оди по патот на образованието и науката и за само две години обезбеди рекорден буџет за овие две области. Конкретно, средствата што овој Универзитет ги добива пораснаа од 3 милијарди денари во 2024 година, на речиси 5 милијарди денари оваа година“, информираше Јаневска.

    Рече дека е задоволна што МОН и УКИМ изградија партнерски однос и одлично соработуваат. Упати благодарност за помошта при подготвувањето на новите решенија за унапредување на законската регулатива, за придонесот кон остварување на целите од Стратегијата за паметна специјализација и за заложбата за реализација на повеќе научно истражувачки проекти од интерес на државата и јавноста. Но, побара и дополнителен ангажман од високообразовната установа.

    „Ова општество има предизвици кои не запираат и нема да поминат сами по себе. На пример, врсничкото насилство во училиштата. Подигнување на свеста за заштита на животната средина и поголема почит кон општите добра. Различните поделби меѓу граѓаните, особено по етничка основа. Задржување на културниот и националниот идентитет во глобализиран свет. И така натаму. Токму во надминувањето на ваквите предизвици, гледам дека постои простор за поголема ваша вклученост. И ве замолувам да го прифатите повикот. Одговорноста е заедничка и подеднаква на сите кои имаме моќ да влијаеме и да ги менуваме работите на подобро“, рече Јаневска.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично