Меморандуми за разбирање со кои се унапредува соработката во даночната сфера, е епилогот од дводневната работна посета на делегацијата од Управата за јавни приходи на Република Турција. Со цел – продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на оданочувањето и надворешната контрола, остварени се средби со претставници на Турската даночна администрација (Turkish Tax Administration of the Ministry of Treasury and Finance of the Republic of Türkiye) и на Турскиот одбор за даночна инспекција при Министерството за финансии и трезор на Република Турција (Turkish Tax Inspection Board of the Ministry of Treasury and Finance of the Republic of Türkiye).
Во рамки на тие средби, информираат од УЈП, биле усогласени содржините на два меморандума за разбирање, формално потпишани на крајот од посетата, од директорката на Управата, Елена Петрова, која ја предводела македонската делегација.
Со првиот Меморандум се утврдуваат области за блиска и ефикасна соработка со размена на искуства и добри практики поврзани со дигитални алатки, системи за оданочување, услуги за даночни обврзници и законски и регулаторни рамки. Од турска страна е потпишан од Бекир Баракдар, директор на Турската даночна администрација.
Во фокусот на вториот Меморандум за разбирање се заемното претставување и разбирање на системите и дигиталните алатки што ги користат институциите, размена на искуства, добри практики и активности за унапредување на системите за анализа на ризик, даночната контрола и мерки за откривање, спречување и сузбивање на даночната евазија и сивата економија. На овој документ, покрај Петрова, потписник е Мусхин Атчи, директор на Турскиот одбор за даночна инспекција.
„Со потпишување на овие меморандума за разбирање се постави темел за идни, уште поинтензивни активности и размена на знаење меѓу даночните администрации на двете земји. Проширувањето на оваа соработка претставува значаен чекор во унапредувањето на билатералните односи и остварување на заеднички цели. Преку заеднички пристап кон прекуграничните предизвици и размена на експертиза, двете страни ја нагласуваат својата посветеност кон ефикасно и современо даночно управување“, пишува во соопштението од УЈП.