ПОВЕЌЕ

    Турски „Фидес Електрик Енерџи“ ќе гради фотонапонски централи во ТИРЗ Струмица и Струга

    Време зa читање: 3 минути

    Во ТИРЗ Струмица и ТИРЗ Струга ќе се градат две фотонапонски централи со вкупна моќност од близу 8MW. Двете централи ќе се градат во рамки на јавно-приватно партнерство со турската компанија „Фидес Електрик Енерџи“, избрана на јавен повик. Јавниот повик беше отворен на крајот на ноември лани, во постапка согласно Законот за јавни набавки, во траење од 45 дена, под исти услови за домашни и странски компании, информираат од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

    Притоа се појаснува дека на повикот пристигнале две понуди – од избраната компанија и од израелско – кинески конзорциум. Турската компанија ќе треба да изгради фотонапонски електроцентрали во двете зони со вкупна моќност од близу 8 MW. Согласно доставената понуда и спроведената аукција, 10 отсто од приходите остварени од производството на електричната енергија компанијата е обврзана да ги уплаќа во државниот Буџет.

    Договорот за јавно приватно партнерство се склучува на 25 години. По истекот на овој период, турскиот партнер е обврзан да ја пренесе сопственоста на фотонапонските централи на државата со 80 отто производствен капацитет. Земјиштето останува сопственост на државата, а турската компанија ќе плаќа и годишна такса за наем на земјиштето од 40 денари за квадратен метар.

    Од ТИРЗ велат дека целта на инвестициите е зајакнување на енергетските капацитети на државата, како и на забрзување на транзицијата кон економија базирана на зелена енергија што е глобален тренд. Токму пристапот до енергија од обновливи извори е барање односно приоритет за повеќето од странските компании кои работат односно имаат интерес да инвестираат во С.Македонија. Со фотонапонските централи директно се придонесува кон зголемување на атрактивноста за инвестирање во земјата.

    До крајот на месецов ќе се објави и нов повик за јавно приватно партнерство за изградба на фотонапонски централи, за која што се определени над 40 хектари земјиште во ТИРЗ Скопје, Штип и Прилеп, најавуваат од Дирекцијата. Притоа укажуваат дека се работи за земјиште непогодно за вршење друга дејност, односно гранични парцели кои не се користат повеќе од 15 години, а со оваа постапка ќе се стават во функција и ќе носат значителни приходи за државата. Јавниот повик ќе биде под исти услови како и успешно завршениот за ТИРЗ Струга и Струмица, подеднакво отворен за домашни и странски компании, посочуваат од Дирекцијата на ТИРЗ.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично