Добивка од 18,6 милиони денари, раст на приходите и на трошоците бележи „Триглав осигурување“ по одработената прва половина од годинава.
Друштвото што ја гради иднината на своите клиенти за еден насто ги зголемило нето-приходите од премија кои достигнуваат износ од 539 милиони денари. Причините за растот се согледуваат во повисоката бруто премија за 118 милиони денари, која имала позитивно дејство. Неповолен одраз, пак, врз нето-приходите имале зголемувањето на премијата предадена во реосигурување и соосигурување за 67 милиони денари, како и промената во нето-резервите за преносна премија, која влијаела негативно за 44 милиони денари.
Финансиските вложувања обезбедиле приливи од 32 милиони евра. Во споредба со минатата година, повисоки се за 19 насто. Речиси целосно, со 92 отсто овие приходи се однесуваат на камати, а само три проценти на приходи од наемнини.
Како што наведуваат од „Триглав осигурување“, за 35 проценти се зголемиле приходите што ги носат провизиите од реосигурување, од каде што се обезбедени 69 милиони денари. Што соодветствува со растот на премијата предадена во реосигурување.
Другите осигурителни приходи, заедно со останатите приходи имаат петпроцентно намалување.
Во делот на расходите, Друштвото ги оствари следниве резултати:
Поголемите бруто ликвидирани штети за 45 милиони денари негативно се рефектирале врз нето-расходите за штети, кои изнесуваат 281 милион денари и се за девет насто повисоки од лани. Во овој сегмент позитивно делувале два елементи: растот за 17 милиони денари на бруто ликвидираните штети под реосигурување; и промената во нето резервите за штети за шест милиони денари.
„Останатите технички резерви се за 13 милиони денари зголемени поради зголемените резервации за менаџерско осигурување (дел од Класата 1 – Осигурување од незгода)“, посочуваат од Друштвото. Воедно, се додава дека трошоците за бонуси и попусти изнесуваат 18 милиони денари и се за еден милион денари поголеми од минатата година, а тоа е во согласност со зголемената премија. Сепак, се нагласува, најголемиот износ на попусти го има во осигурувањето на моторни возила – 5,5 милиони денари, а исто така и кај здравственото осигурување – 4,8 милиони денари.
Во однос, пак, на нето-трошоците за спроведување на осигурувањето се вели дека изнесуваат 243 милиони денари, што претставува петпроцентен раст во споредба со истиот минатогодишен период.
Очекувањата на „Триглав осигурување“ се дека ќе ја задржат профитабилноста и сигурноста во работењето. Планираната премија за годинава треба да е повисока за четири насто во однос на лани, и да достигне 1.611 милиони денари. Се смета дека и добивката ќе се движи по нагорна линија и да се најде на нивото од 51 милион денари.
За постигнување на зацртаното, Друштвото кое е регистрирано за вршење 18 класи неживотно осигурување, ќе се фокусира на дополнителен развој на стратешките осигурителни производи, со кои ќе одговори на потребите од клиентите.