ПОВЕЌЕ

    ТРИ ЖЕНИ ШТО ИНСПИРИРААТ и нивната улога во модерното општество и во развојот на финансискиот сектор

    Време зa читање: 11 минути

    По повод 8 Март ‒ Меѓународниот ден на жената, порталот Пари направи инспиративни интервјуа со успешни менаџерки во македонскиот финансиски сектор.

    Разговаравме со жени коишто со својот ангажман секојдневно ја исцртуваат патеката на успехот. Жени коишто стоејќи се справуваат со разни предизвици, стремејќи се да ја постигнат целта што си ја поставиле на професионален план. Порталот Пари ги пренесува разговорите со Маја Стевкова-Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, со Христина Џамбазовска-Анастасов, генерален директор на Триглав Осигурување Живот, и со Филомена Пљаковска-Аспровска, генерален директор на КаСис АД Скопје.

    Пари: Со какви предизвици се соочувате како жена во Вашата професија и како ги надминувате на патот кон успехот?

    Стевкова-Штериева: Жена во бизнис е предизвик само по себе, без да навлегуваме дали станува збор за банкарство, финансии или која било друга област. Со оглед на тоа дека од вас се очекува да ги исполнувате обврските како мајка, сопруга и професионалец, вие од старт имате повеќе и поразлични предизвици од мажите.

    Балканската средина во која сѐ уште владеат стереотипи за местото на жената во општеството е исклучително неблагодарен амбиент за професионален развој. Јас имам среќа да работам во област во која доминираат жени, во банките секогаш имало повеќе жени отколку мажи, да соработувам со мажи коишто ги поддржуваат жените во нивниот професионален развој или барем не ги спречуваат. Ова подеднакво се однесува и за приватниот живот, каде што секогаш сум имала огромна поддршка од сопругот. Еден од големите, условно кажано, проблеми на секоја жена и мајка е обврската поврзана со раѓањето и чувањето на децата, што во мојот случај, иако далечно минато, беше надминат и помогнат благодарение на помошта од мојата мајка. Тоа, пак, е добрата страна кога живеете во традиционални средини како нашата. Останатото зависи од секоја од нас како поединец посветен на работата, бидејќи и секој наш соработник, клиент или акционер сака од другата страна да има соговорник што е професионалец и на најдобар начин ќе ја заврши работата.

    Џамбазовска-Анастасов: Моето секојдневие е водено од мотото дека успехот не значи контрола на сите работи околу тебе, туку доаѓа од рамнотежата и способноста да ги комбинираш професионалните и личните цели и да живееш среќен живот. Оттука доаѓа мојата енергија со која се носам со секојдневните предизвици, кои навистина ги има многу, но кои претставуваат и неверојатни можности за успех.

    Жените по природа имаат интуиција и способност за разбирање на луѓето што ги водат. Тоа ни помага во донесувањето важни одлуки, во создавањето тимови што функционираат и во остварувањето на поставените цели. Тоа на крај генерира и успех што не се мери само во бројки и резултати, туку и во среќни и задоволни луѓе околу тебе.

    Еден од најголемите предизвици што ми ги наметнува позицијата на жена менаџер на динамична, развојна и успешна осигурителна компанија е да покажам дека лидерството нема облик или големина – тоа е енергија, визија, храброст и страст да создадеш нешто што ќе трае. Честопати ме мотивира и помислата дека мојата задача е да успеам лично за себе, за мојот тим и за компанијата што ми ја има дадено довербата, и за што сум благодарна и почестена, но и да им помогнам на други жени да веруваат во себе, да го следат својот пат и да го остварат својот потенцијал.

    Исклучително сум горда што сум дел од групацијата Триглав затоа што во нашата компанија родовата рамноправност е длабоко вкоренета, а професионалноста, знаењето и посветеноста се клучни вредности што се ценат без разлика на полот. Напредувањето во компанијата се темели на постигнатите резултати и заслуги, што обезбедува еднакви можности за сите вработени.

    Затоа овој ден го доживувам како потсетник за сè што сме достигнале како жени и за сè што ни преостанува да постигнеме. Секој ден може да биде можност за да го промениме светот на подобро, да ги рушиме стереотипите и да покажеме дека лидерството не знае за бариери – ни за пол, ни за економски услови.

    Среќна сум што во ова интервју сум во друштво на инспиративни женски лидери, со кои го славиме постигнатото и истовремено размислуваме како можеме да продолжиме да градиме уште поголем импулс.

    Пљаковска-Аспровска: Имам среќа што пораснав во семејство во кое никогаш немало стереотипнизирани сфаќања за машки и женски улоги и професии. Студирав на Електротехничкиот факултет каде пред сѐ се ценеше знаењето и тоа беше единствен критериум според кој нѐ рангираа. Со децении работам во компанија во која сите имаат еднакви услови за работа и можности за професионален и кариерен развој. Сум се соочила со многу предизвици во работата, но ниеден не бил нерешлив ниту произлегувал од фактот дека сум жена на лидерска позиција.

    Многу сум горда што во КаСис создадовме култура на еднакви можности, ги нудиме истите награди за иста работа и позиција, без разлика на родот, го слушаме внимателно гласот на вработените и настојуваме да ги пресретнеме нивните потреби, постојано го комуницираме напредокот и свеста за родовата еднаквост како важен мотиватор на растот. Ние сме компанија во која во огласите за работа сакаме да бидеме сигурни дека подеднакво ги охрабруваат и мажите и жените да аплицираат за позицијата. Ги проверувме описите на работните места и барањата за работа за да се увериме дека не ја фаворизираат една категорија пред друга. Никогаш сме немале позиција која е исклучиво наменета за маж или жена ниту, пак, би дозволиле различен третман. Сите тројца извршни директори, од кои две сме жени, сме стигнати на таа позиција исклучиво според своите знаења и способности, а во процесот на донесување одлуки и остварување на резултати родот не игра никаква улога.

    За мене како жена на чело на компанија во индустријата на плаќањата, платежните картички и електронската трговија е многу важно да ги разбиваме стереотипите и да поставуваме стандард во индустријата.

    Пари: Каква улога и поддршка, според Вас, треба да даде општеството во охрабрувањето на жените и девојките да напредуваат во бизнисот и да се стремат кон лидерство?

    Џамбазовска-Анастасов: Општеството има моќ да создаде вистинска трансформација ако се ослободи од стереотипите и ги искористи сите свои потенцијали, независно дали станува збор за жени или за мажи. За да постигнеме вистински напредок, важно е да ја разбиеме идејата дека успехот е резервиран само за една група луѓе или само за одреден пол. Секое општество треба да ги препознае сите свои потенцијали и да им понуди подеднакви можности на сите свои членови. Само така ќе стигнеме до напредно, иновативно, ефикасно и среќно општество.

    Поддршката од општеството треба да се манифестира преку образовни програми, менторства, изедначени шанси за напредок, како и активно поттикнување на жените да преземаат лидерски позиции. Секоја жена носи уникатен поглед на светот, а ако е поддржана, мотивирана и инспирирана, може да донесе позитивни промени во секоја област. Поддршката не значи само да им се даде шанса, туку и да бидат инспирирани и мотивирани да веруваат во својата вредност и во моќта за промени.

    Треба да се стремиме да создадеме општество во кое секој има верба во своите способности и знае дека има можност за напредок, без оглед на тоа од каде доаѓа. Така, не само што ќе ја поттикнеме еднаквоста, туку ќе изградиме силна и одржлива иднина. Општествата што не се отворени за сите потенцијали пропуштаат можност да постигнат врвни резултати.

    Стевкова-Штериева: Јас секогаш сум верувала во тоа дека домашното воспитување е коренот на личниот развој на поединецот, дека со личен пример се учат децата како треба да се однесуваат и дека не постои систем што државата може да го постави, а поединецот да не го изигра или заобиколи ако не верува во него.

    Поради тоа, сметам дека синовите треба да ги воспитуваме да ги поддржуваат своите мајки и сестри, а понатаму своите сопруги, ќерки и соработнички во нивниот професионален развој. Дека на јавните трибини за родова еднаквост треба да се појавуваат и мажи коишто ќе најдат време да ги сослушаат проблемите на жените во нивното окружување.

    Многупати сум се разочарала од коментари за полово фаворизирање на наследниците во бизнисот и сметам дека при изборот не треба да се препушта бизнисот според полот, туку според способноста на децата коишто наследуваат успешно и лидерски да го водат бизнисот. Жените подеднакво можат да бидат деловно настојчиви, упорни, одлучни и претприемчиви како и мажите, но за разлика од мажите, тие имаат една заштитничка особина којашто ги прави повнимателни во прифаќањето на ризиците, а со тоа и ја намалуваат веројатноста за погрешни одлуки

    Пљаковска-Аспровска: Клуч за унапредување на сите процеси е применливоста на донесените закони и стратешки документи. На пример „Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 година“ е стратешки документ за унапредување на статусот на жените. Законот за работни односи јасно ги дефинира еднаквите плати за жените и мажите, еднаков третман во врска со вработувањето и условите за работа.

    Но, во пракса треба да се работи на приближување на процентите на работоактивна женска популација која сега е 44% до машката работоактивна популација кој е 69% (според податоци на Државниот завод за статистика.) Треба да се работи на затворање на родовиот јаз од 16% пониска плата за жените во однос на мажите за исто работно место и еднакви стручни квалификации.

    Да се работи на поголема застапеност на жените во јавниот и приватниот сектор во извршната власт, како и кај водечките позиции во котираните компании и во управните тела.

    Докажано е дека диверзифицираните тимови имаат подобри бизнис резултати поради различни перспективи што ги земаат предвид. Со системски решенија треба да извлечеме максимум од индивидуалноста на секој член на тимот.

    Пари: Каков совет би им дале на новите генерации жени и девојки коишто сакаат да создадат моќни промени во различни области?

    Пљаковска-Аспровска: Живееме во време на неограничени можности за раст, иновација и создавање, за новите генерации најважно е да веруваат во себе и своите вештини и способности, никогаш да не престанат да учат, да бараат ментори, соработници, советници и да ја користат технологијата за добро.

     Џамбазовска-Анастасов: Да си ги постават своите амбиции без никакви ограничувања и да не заборават дека успехот не е линеарен процес – ќе има падови, но тие се само дел од патувањето. Неуспехот е учење и можност да станат посилни и мудри. Да не дозволуваат сомнежот, дилемите и критиките да ги одвратат од нивната цел.

    Кога мои колешки или пријателки коментираат за балансирање на работниот и личниот живот и не се сигурни дали му дале приоритет на тоа што им е навистина важно во животот, мојот одговор секогаш бил дека успехот не значи да се биде совршен. Од многу причини жените често се воздржуваат и затоа треба да создадеме свет во кој ќе се чувствуваат поддржани и ќе веруваат во своите способности.

    На патот кон промените и развојот важно е да градат мрежа на поддршка – од други жени, ментори и од луѓе што ја споделуваат нивната визија.

    И да не забораваат да го слават секој успех, без разлика колку и да изгледа мал, затоа што тоа е доказ за нивната моќ и за промената што ја направиле.

    Стевкова-Штериева: Тешко е да се одговори на ова прашање, бидејќи најверојатно секој од нас има различна перцепција за тоа што е моќна промена. Други треба да кажат дали јас сум направила некаква моќна промена, па да можам да делам такви совети. Сепак, со сигурност можам да тврдам дека само со вистинско знаење, отвореност и посветеност можете да остварите професионален развој. Се разбира, за тоа е потребно многу труд и, условно кажано, жртви, бидејќи времето е ограничен ресурс кој се троши и 24 часа се недоволни и за учење, и за деца, и за козметичар, и за дополнителни студии и за да се прочита некоја книга. Не може со прочитано, а недочитано, со трепкање, „играње на женска карта“ и со глумење дека разбирате нешто да бидете прифатени како професионалец.

    Не може да бидете лидер ако лидерството го влечете од позицијата, а не позицијата да ја стекнете со докажано и посветено знаење. Некој може да рече дека постојат многу такви примери, а сепак, работата се одвива. Јас на тоа би коментирала дека токму таквите примери ја рушат довербата во способноста на жените и дека тие треба да бидат исклучоци, а не правило како да се дојде до позиција.

    На крај би рекла ‒ ако вашите постапки ги инспирираат останатите да направат повеќе, да научат повеќе, да сонуваат за повеќе и да станат нешто повеќе од тоа што се, тогаш вие сте вистински лидер.

    Катерина Михајлова 

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично