ПОВЕЌЕ

    Што е прокурист, трговски полномошник и трговски патник?

    Време зa читање: 4 минути

    Прокуристот, трговскиот патник и трговскиот полномошник се различни видови застапници на компанијата.

    Прокурист е физичко лице овластено од компанијата кое може да склучува договори и да врши правни работи и дејствија во нејзино име и за нејзина сметка во рамките на предметот на нејзиното работење и да го застапува друштвото во постапките пред управните и други државни органи. Односите меѓу трговското друштво и прокуристот, како и наградувањето, се уредуваат со договор. Прокуристот нема право да ги отуѓува и оптоварува недвижностите на трговецот, освен ако нема посебно овластување за тоа.

    Прокурист е лице на кое му е дадено најшироко трговско полномошно.

    На прокуристот може да му биде дадена поединечна прокура (секој прокурист е овластен посебно и поединечно да настапува во име и за сметка на компанијата) или заедничка (групна) прокура (прокурата е дадена на две или повеќе лица заедно и правните работи и дејствија се полноважни само ако постои согласна изјава за волја на сите прокуристи).

    Прокурата е посебен вид на трговско полномошно која може да ја даде само правно и физичко лице кое според законот се смета за трговец. Прокурата се дава на начин определен со изјавата за основање на трговското друштво, со договорот за друштвото, односно со статутот и таа задолжително се дава во писмена форма.

    Прокурата може да му се даде на секое деловно способно физичко лице, без разлика на должноста и работите што ги врши, освен ако со изјавата за основање на друштвото, со договорот за друштвото, односно со статутот поинаку не е определено. Исто така, важно е да се напомене дека прокура не може да му се даде на правно лице.

    Прокурата не може да се пренесува на друг, а може да се отповика во секое време, без разлика на правниот однос врз чија основа таа е дадена.

    Компанијата може на вработено лице кај неа или на друго лице да му даде полномошно како на трговски патник. Полномошното се дава во писмена форма.

    Склучување на договор за продажба на стоката на компанијата е еден од елементите на општото полномошно на трговскиот патник. Сепак, на трговскиот патник му е потребно посебно овластување за продавање на стоките на почек или на рати.

    Трговскиот патник е овластен во име и за сметка на давателот на полномошното да склучува договори за продажба на неговата стока, да ја испорачува таа стока, да продава на кредит ако има посебно овластување за тоа, да ги прима изјавите на купувачите во врска со стоката што е предмет на тие договори, да дава изјави и да презема други дејствија со цел да ги чува правата на давателот на полномошното кои произлегуваат од договорот што го склучил од негово име и за негова сметка.

    Трговскиот полномошник е лице кое е вработено во компанијата или друго лице кое за награда законските застапници на компанијата го овластиле да води цело или дел од друштвото во рамките на даденото полномошно. Трговското полномоштво се дава во писмена форма со заверка на потписите кај нотар.

    Трговскиот полномошник е овластен да ги склучува сите договори и да ги презема сите правни дејствија што се вообичаени во прометот при водењето на претпријатието или на негов дел и тоа во рамките на даденото полномошно. Трговскиот полномошник не може, без посебно овластување од давачот на полномошното, да ги отуѓи ниту да ги оптовари неговите недвижности, да го обврзе со меница или со чек, да презема обврски од гаранција, да земе заем за него, да договори надлежност на избран суд и да се спогодува или да води спор.

    Трговското полномошно е различно полномошно во однос на прокурата и со него полномошникот се овластува за водење на претпријатието или на негов дел или за преземање на правни дејствија коишто во прометот се вообичаени, како и за преземање на одделни работи.

    Полномошникот, кон својот потпис, назначува дека е полномошник и не смее да додава ништо што би го означило како прокурист.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично