Градежните инвеститори во октомври добиле 446 одобренија за градба. Интересот за градежни активности е фокусиран на Југоисточниот Регион, издадени се 139 дозволи. Низ градовите во земјава ќе се градат 1.177 станови, а од нив, повеќе од третина ќе имаат адреса во Скопје, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика, кои се за октомври.
За една година, односно споредено со ланскиот октомври, бројот на издадените одобренија за градење е зголемен за 22,9 насто. Зголемена за 25,1 насто е и нивната предвидена вредност, која изнесува 10.596.843 илјади денари или над 172,3 милиони евра.
„Зголемената вредност се должи на фактот дека во референтниот период е издадено одобрение за градба на Државен пат А2, делница Букојчани-Кичево прва фаза, подделница Црвивци-Кичево со должина 6,527 км, кој е со вредност од 44 милиони евра“, посочуваат од ДЗС.
Од вкупниот број издадени дозволи, 289 (64,8 %) се наменети за објекти од високоградба, 68 (15,2 %) за објекти од нискоградба и 89 ( 20,0 %) за објекти за реконструкција.
Притоа, 247 дозволи (55,4 %) им се дадени на физички лица кои се јавуваат во улогата на инвеститори, а 199 (44,6 %) на деловни субјекти.
Од планираните 1.177 станови со вкупна корисна површина од 101.286 метри квадратни, 409 (34,74 %) се зацртани за Скопје. Или попрецизно, на територијата на Скопскиот Регион ќе се изградат нови станови што ќе зафаќаат 29.576 квадрати. Потоа следува Југоисточниот Регион со 283 станови и 25.759 метри квадратни.
Аналитика








