ПОВЕЌЕ

    ТРАНСАКЦИИ, БЛОКОВИ, ПРОМЕТ… СЕ ПЛУС ДО ПЛУС – февруарски поход на Македонска берза

    Време зa читање: 4 минути

    Зголемена раздвиженост на Берзата и многу плусови во февруари. Основните показатели прикажуваат значителни процентуални поместувања, почнувајќи од просечниот број дневни трансакции, прометот, па сѐ до блоковите со остварување натфрлено за 282,29 насто. Најтргуваните акции се на своите места. Но, и во тоа друштво има своевидно изненадување. Во првата петорката овојпат е акцијата издадена од Стопанска банка Битола.

    Пазарната капитализација во вториот месец од годинава е зголемена за 5,23 проценти и изнесува 256.017.087.499 денари, односно 4,15 милијарди евра.

    Преку 2.331 трансакција, каде што стрелката покажува плус 42,74 проценти, остварене е промет од 856.311.858 денари или речиси 13,9 милиони евра. Забележан е раст од 88,87 насто.

    Берзанскиот индекс МБИ10 е на нивото од 6.810,15, што претставува зголемување од 5,22 проценти.

    Кај прометот што доаѓа од класичното тргување растот е 67,46 насто – од јануарските 418.245.390 денари (близу 6,8 милиони евра) на 700.407.896 денари (11,36 милиони евра). Трансакциите со акции придонесуваат со 610.519.596 денари (9,9 милони евра). Овде зголемувањето е за 73,96 насто, бидејќи претходниот месец се работело за промет од 350.951.565 денари (безмалку 5,7 милиони евра).

    По нагорна линија се движел просечниот дневен промет и месечниот исчекор е за 59,49 проценти. Достигнат е дневен просек од над 541 илјада евра (33.352.757 денари), за разлика од јануарскиот – 339,4 илјади евра (20.912.270 денари). А, пак, просечниот дневен број на трансакции е 110 (81 во јануари), при што зголемувањето е за 35,8 проценти.

    Зголемување од 137,5 насто има кај бројот на блок трансакциите – од 8 во јануари на 19 во февруари. Со тоа и реализираниот промет е драстично нараснат. Изнесува 2,18 милиони евра (134.382.870 денари). За споредба, во текот на претходниот месец бил 570,5 илјади евра (35.152.387 денари).

    Акцијата на Комерцијална банка не ја отстапува првата позиција како најтргувана на официјалниот пазар. Во февруари се истргувани 19.066 акции преку 1.041 трансакција, а постигната е просечна цена од 16.481,25 денари. Во БЕСТ системот е направен промет од 314.231.605 денари или 5.093.315 евра. Со тоа уделот на оваа акција во структурата на вкупниот промет е 51,57 проценти.

    И просечната цена по акција на „Алкалоид“ е во континуиран подем, а февруари е со праг од 20.167 денари. Прометот од 113.741.895 денари, односно 1.843.617 евра е постигнат во 351 трансакција, со истргувани 5.640 акции. Учеството во прометот е со 18,67 отсто.

    Акцијата со знакот на НЛБ Банка во вкупниот февруарски промет партиципира со 10,62 проценти. Просечната цена е 33.756,78 денари. Истргувана е количина од 1.917 акции, кои оствариле промет од 64.711.755 денари (1.048.899 евра). Бројот на трансакции е 245.

    Во февруари четвртото место го зазеде акцијата издадена од Стопанска банка Битола. Во 66 трансакции се истргувани 7.944 акции. Притоа, постигната е просечна цена од 2.544,06 денари, а прометот е во износ од 20.210.039 денари (327.580 евра). Во структурата има удел од 3,32 проценти.

    Вообичаено, во првата петорка највисока е просечната цена – 65.648,05 денари за акцијата на „Макпетрол“. Истргувани се 295 акции со кои е реализиран промет 19.366.174 денари (313.902 евра). Направени се 78 трансакции, додека учеството во прометот е со 3,18 проценти.

    Статистиката покажува дека и во јануари и во февруари се нотираат сѐ повисоки резултати. Иако не може со сигурост да се предвиди бидејќи врз берзите се рефлектираат и најмалите промени и странични влијанија, сепак, ако годината по зимата се познава, тогаш на Македонска берза и претстојат добри денови.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично