ПОВЕЌЕ

    Токсикологија ќе добие ургентен тријажен центар – Комерцијална банка и „Алкалоид“ донираат над 460 илјади евра

    Време зa читање: 2 минути

    Ургентен тријажен центар ќе добие Клиниката за токсикологија со донација од над 460 илјади евра обезбедени од Комерцијална банка и од „Алкалоид“, инфорираше министерот за здравство Фатмир Меџити.

    Со 235.000 евра од Комерцијална банка и 233.673 евра од „Алкалоид“ ќе се реновира и трансформира простор од 750 квадратни метри, на кој во рамки на Клиниката ќе функционира ургентен интернистички тријажен центар. Центарот ќе биде првиот контакт за прием на пациентите, каде што е предвидено да се пружа итна здравствена заштита. Зависно од состојбата ќе можат да престојуваат од 24 до 48 часа, по што ќе бидат префрлени во болничките оддели на некоја од интерните клиники, или би биле пуштени дома.

    Овој ургентен центар ќе се опреми со апарати за интензивна и полуинтензивна нега, компјутерска томографија, рентген и ендоскопија, а се очекува севкупните активности да завршат за неколку месеци.

    „Со поддршка од општественo одговорнитe компании ‘Алкалоид’ и Комерцијална банка потпишавме договор за формирање нов ургентен интернистички центар на Универзитетската клиника за токсикологија. Ова е инвестиција што ја најавив како еден од нашите приоритети и навистина сум многу горд што почнуваме со нејзина реализација“, нагласи министерот.

    Договорот за оваа донација, чија реализација ќе биде од корист и на вработените и на пациентите, го потпишаа главниот финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, Маја Стевкова-Штериева, финасова директорка во „Комерцијална банка“ и директорот за маркетинг и продажба во „Алкалоид“, Владимир Индов, како и ресорниот министер, кој им се заблагодари за придонесот во унапредувањето на здравствениот систем и квалитетот на услугите.

    Ова е знак на поддршка за пациентите од целата држава, во насока на олеснување на процесот на лекување и на подобрување на квалитетот на услугите во овој сегмент од јавното здравство, велат од „Алкалоид“. Нивниот врвен приоритет  е – луѓето и здравјето пред сé, а оттаму и грижата за заедницата, за јавното здравје и за поголема и поквалитетна достапност на јавните здравствени услуги за пациентите.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично