ПОВЕЌЕ

    „Солидарецот“ и ниските цени ја стопија добивката на „Макстил“

    Време зa читање: 3 минути

    Три пати е пониска добивката на „Макстил“ остварена од работењето во текот на минатата година, во споредба со резултатите од 2022. Или, 6,5 милиони евра наспроти 19,5 милиони евра. Тоа се износите на добивката пред оданочување. А, по исполнувањето на таа обврска сумата е сведена на нето 5,76 милиони евра (17,47 милиони евра во 2022).

    Во намалувањето на профитот улога има и солидарниот данок. „Макстил“ беше посочена како компанија која платила највисок износ на име на еднократната давачка. Се работи за 4,16 милиони евра.

    „Добивката пред оданочување во извештајниот период е 402 милиони денари и е трикратно пониска од остварената во 2022 година, додека нето добивката изнесува 355 милиони денари, трикратно пониска од остварената во минатата година. Намалувањето на добивката во голема мера се должи на извршената задолжителна исплата на солидарниот данок во износ од 257 милиони денари, којшто беше пресметан во септември 2023 и кој не произлегува од оперативното работење на компанијата“, наведуваат од „Макстил“.

    Освен тоа, се додава дека „дополнително, намалувањето на добивката во текот на овој пресметковен период во однос на остварената во текот на истиот период од минатата година се должи и на пониските продажни цени на готовиот производ во однос на цените во 2022 година“.

    Што се однесува до приливите и трошоците, и во двата сегмени има намалување. Податоците покажуваат дека лани се инкасирани 8,44 милијарди денари (136,89 милиони евра), од кои приходите од продажбите во структурата на вкупните приходи учествуваат со високи 98 проценти. Овде има пад од 25 отсто во од нос на 2022, кога биле нотирани 11,25 милијарди денари или 182,47 милиони евра, што се објаснува со намалувањето на продажните цени на готовиот производ како и со соодносот помеѓу директната продажба на „Макстил“ и договорите за преработка. Во тие рамки, приходите од директната продажба се 4.832.944 илјади денари (78,39 милиони евра), а од преработката – 3.364.989 илјади денари (54,58 милиони евра). Ефектите се пониски од прекланските 113,82 милиони евра, односно 65,43 милиони евра.

    Расходите, пак, изнесуваат 7,59 милијарди денари (123,1 милион евра), во кои се доминантни со 92 проценти трошоците за производство. Споредено со 2022 година, вкупните расходи се помали за 22 отсто.

    Од компанијата велат дека минатата година била подобра за челичната индустрија во светот, а побарувачката на челик се зголемила. Во такви услови и производството во „Макстил“ расте. Оттаму и оптимистичките очекувања дека годинава ќе се постигнат посолидни резултати.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично