Во десетте најголеми компании од кондиторската индустрија во земјава, минатата година се свртела сума од близу 110 милиони евра, додека истите направиле добивка од 4 милиони евра. Анализата на „Таргет Груп“ покажува дека кај десетте компании што лани имале најголеми приходи – вкупните приходи се зголемиле за 3,5 отсто, додека пак добивката бележи пад за 30 отсто. Во истите десет компании што според обемот на приходи се сметаат за најголеми лани работеле 2.404 луѓе.
ПРИЛЕПСКА „ВИТАМИНКА“ СО НАЈГОЛЕМИ ПРИХОДИ, СКОПСКА „ЕВРОПА“ СО НАЈГОЛЕМА ДОБИВКА
Смоките „Стоби Флипс“, чоколадните морски школки „Атлантис“, потоа „Цевитана“ се само дел од производите чија продажба овозможува во прилепска „Витаминка“ годишно да се вртат неколу десетици милиони евра, ставајќи ја компанијата на врвот по направен обрт. Додека пак, продажбата на „Крем банани“, „Шери бонбониери“ или „Рум плочки“ препознатливи за скопската компанија „Европа“ овозможуваат да ја има најголемата добивка за минатата година, иако од продажбата на овие производи се собрани помали приходи од приходите што ги прави „Витаминка“.
Анализата на финансиската кондиција на компаниите што се дел од кондиторската индустрија во земјава покажува дека најголемите приходи лани ги прави „Витаминка“ од Прилеп, компанија што истовремено е и најголем работодавач, додека најголема добивка прикажува „Европа“ Скопје.
Прилепска „Витаминка“ минатата година има приходи од 40,9 милиони евра и истите бележат раст во однос на претходната година. Практично, тоа е најголемиот износ што се свртел во една компанија од кондиторската индустрија во земјава.
Но, за разлика од приходите кои бележат раст, кај добивката оваа компанија минатата година регистрира драстичен пад. Па така, лани „Витаминка“ завршува со добивка од 282.400 евра, за разлика од претходната година кога имала добивка од 841.000 евра.
Со тоа, по однос на остварената добивка во текот на минатата година, „Витаминка“ се наоѓа на петто место, а поголема добивка од неа имаат „Европа“ Скопје, „Макпрогрес“ од Виница, „Лион“ од Свети Николе и „Свисслион“ од Ресен.
Во „Витаминка“, лани работеле 689 луѓе, со што добивката по вработен изнесува нешто повеќе од 400 евра, додека пак претходната година добивката по вработен изнесувала нешто повеќе од 1270 евра, со оглед дека тогашво компанијата работеле 659 луѓе.
Оваа компанија е основана како Акционерско друштво во 1956 година, од страна на тогашните власти и првичната идеја била да биде претпријатие за преработка на црвен мелен пипер, што било успешно цели 18 години. Во 1976 година менаџментот прави нов план за проширување на производството но и асортиманот.
Компанијата „Европа“ од Скопје – минатата година ја има најголемата остварена добивка во кондиторската индустрија. Одоносно, лани оваа компанија прави добивка од 1,1 милиони евра, но добивката е намалена во однос на претходната година кога изнесувала 1,5 милиони евра. Сепак, минатогодишната добивка на „Европа“ е четири пати поголема од добивката што ја има „Витаминка“, која е компанија со најголеми приходи.
По однос на приходите, „Европа“ се наоѓа на четвртото место, со оглед дека лани таму се свртела сума од 12,7 милиони евра, што е три пати помалку од сумата што се свртела во „Витаминка“, далеку од сумата што како приходи ја имале во „Макпрогрес“, но е блиску до сумата од 13,6 милиони евра што се свртела во „Свисслион“
Лани во „Европа“ Скопје работеле 394 луѓе. Со тоа, добивката по вработен во оваа комапнија изнесува нешто повеќе од 2.700 евра.
„Компанијата „Европа“ е основана од страна на Теохар Икономов, како занаетчиска работилница за производство на бонбони, локум и други производи од шеќер. Во тоа време опремата во работилницата е многу скромна – неколку бакарни казани за производство на смеса за бонбони и варење локум, со капацитет од 250 кг и само пет вработени на работна површина од 150 м²“, пишува на нивната интернет страница.
Компанијата „Макпрогрес“ од Виница го има вториот најголем приход и добивка во текот на минатата година.
Во оваа компанија лани се свртела сума од 29,5 милиони евра, и има мало намалување во однос на претходната година. Но „Макпрогрес“ има поголемо намалување на ланската добивка во однос на добивката од претходната година. Па така, лани оваа компанија има добивка од еден милион евра, додека пак претходната година добивката изнесувала 1,6 милиони евра.
Оваа компанија воедно е и втор најголем работодавач, со тоа што лани таму работеле 587 луѓе. Добивката по вработен во „Макпрогрес“ лани била нешто повеќе од 1.700 евра, додека пак во 2017 изнесувала нешто повеќе од 2.600 евра.
„Макпрогрес е успешна интернационална компанија, лоцирана во источниот дел на Македонија. Од мал семеен бизнис основан во 1990 година, Макпрогрес прерасна во еден од водечките производители на кондиторски производи во Југоисточна Европа извоз во повеќе од 55 земји во светот“, е наведено на нивната интернет страна.
„Свисслион-Агроплод“, минатата година има приходи од 13,6 милиони евра, што е трет најголем остварен приход во оваа дејност и при тоа бележи раст во однос на претходната година. Додека пак, за минатата година добивката изнесува 496.400 евра и истата е намалена во однос на претходната година кога изнесувала 848.400 евра. Во „ Свисслион-Агроплод“, лани имало 401 вработен со што добивката по вработен во оваа компанија лани изнесува нешто повеќе од 1.200 евра.
„Иако производите на SWISSLION се продаваат на повеќе континенти, сепак главната ориентација се балканските земји. Производите кои се произведуваат во Македонија се пласираат во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Словенија, Бугарија, а исто така и во Шведска, Данска, Америка и Австралија, при што околу 60% од вкупното производство е наменето за извоз,“ пишува на нивната интернет страна.
Компанијата „Лион“ од Свети Николе, минатата година ја има третата најголема добивка во оваа индустрија, во износ од 602.400 евра и истата бележи мало намалување во однос на претходната година. Во однос на приходите, оваа компанија е на петто место по нивата висина, со оглед дека лани таму се свртела сума од 5,9 милиони евра а приходите се зголемени во однос на претходната година.
„Европа“ од Штип има приходи од 3,5 милиони евра и добивка од 128 илјади евра во текот на минатата година и истите бележат пад во споредба со претходната година, а во компанијата работат 85 луѓе. Потоа кај „Ницкс Балканс“ од Битола лани се регистрирани приходи од 1,5 милиони евра, додека добивката е 216.600 евра а во компанијата работат 34 луѓе. Потоа кај „Милина Свитс“ од Штип, „Еврокекс“ од Битола и „Росал ДС“ од Неготино лани се регистрирани приходи кои се движат од 630 илјади евра до 510 илјади евра додека добивката е од 880 евра до 43.700 евра.
- Прочитај и – Анализа: Во Македонија има над 80 винарии, но ова се најмоќните.
- Прочитај и – Анализа: Претстојниот самит на Г-20 како катализатор на Vision 2030 стратегијата
Извор на податоци: „БизнисМрежа.Мк“.
Анализа на податоци: Таргет Груп