ПОВЕЌЕ

    Секогаш може и подобро и повеќе – високи цели во бизнис-планот 2024 на „Алкалоид“

    Време зa читање: 5 минути

    Инвестиции, истражувања, развој, нови вработувања, зголемена продажба, повисоки приходи и добивка се целите што скопски „Алкалоид“ ги зацртал за реализација во текот на идната 2024 година. Ништо ново – компанијата не отстапува од трасираниот колосек на функционирање – секогаш може и подобро и повеќе. Тој печат на големи амбиции и високи дострели најуспешната фармацевтска куќа во . Македонија го носи повеќе од осум и пол децении исполнети со производство на лекови, козметички и хемиски производи, преработка на билни суровини.

    Затоа и бизнис-планот за 2024 година не претставува изненадување, едноставно, никој не се сомнева дека плановите ќе се остварат, а можно е и да се натфрлат.

    Менаџментот на „Алкалоид“ предвидува дека консолидираните продажби ќе го надминат нивото од 295 милиони евра. Тоа би означило раст од 12 проценти споредено со очекувањата со кои ќе се заокружи годинава што е на заминување.

    Од аспект на профитните центри, вообчаено, доминантен треба да е придонесот на „Фармација“. Оттаму би требало да произлезат 89 отсто од продажбите, додека 11 проценти од „Хемија“.

    Извозната ориентација компанијата ја потврдува и во бизнис агендата за идната година. На странските пазари, зацртано е, ќе се извршат 69 отсто од продажбата на произодите. Останатите 31 процент се очекувња кои ќе се реализираат на домашниот терен.

    Понатаму, планираниот биланс на успех предвидува раст од 11 проценти на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA). Оттаму, очекуваната консолидиранa нето-добивка треба да забележи раст од најмалку седум насто во однос на годинешното достигнување.

    Околу десет проценти од приходите, „Алкалоид“ ќе ги инвестира во материјални и во нематеријални средства. И тоа е воспоставена практика – постојан раст, развој и следење на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата. Во таа насока, во текот на двете последни децении компанијата има вложено повеќе од 200 милиони евра. Изградени се нови погони за производство на полуцврсти фармацевтски форми, за пакување лекови, како и нов магацински простор за складирање суровини. Освен тоа, во завршна фаза е и најзначајната инвестициска активност – нов погон за производство на цврсти форм, односно фармацевтски препарати. Вредноста на вкупните инвестиции во овие нови производствени капацитети достигнува над 30 милиони евра.

    Со континуираното вложување во нова опрема и со инсталирање најсовремени технолошки линии, компанијата креира услови за повеќекратно зголемување на производните капацитети.

    Паралелно со тоа се одвиваат и активностите во доменот на истражувањето и развојот, со цел воведување нови производи, нови технологии, аналитички методи и услуги. Сето тоа обезбедува проширување на и онака богатото портфолио на „Алкалоид“, проследено со постојаната грижа за заштита на животната средина и на здравјето и безбедноста при работата.

    Трошоците за таа намена се во континуиран раст, а придобивките се согледуваат во повисоките стандарди за квалитет, кои придонесуваат за зголемување на благосостојбата на потрошувачите. Затоа и бизнис-планот 2024 предвидува зголемување од минимум 15 насто за овие трошоци. Целта е натамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност.

    Одговорноста кон животната средина и заедницата се неизоставни во секојдневието на вработените во македонскиот фармацевтски гигант. Во изминатите две години стратешки императив и приоритет е имплементацијата на стандардите Environmental, Social and Governance (ESG) за интеграција и за известување во компанијата. Донесени се и бројни интерни акти за систематизирано работење на сите сектори согласно ESG-принципите. Во иднина, тврдат од компанијата, ESG-сегментот ќе се проширува и ќе се интензивира, пренесувајќи се на сите иматели на удели во „Алкалоид“, со единствена цел – „да изградиме подобар, поздрав и поодржлив свет“.

    „Алкалоид“ е еден од најпосакуваните работодавачи во државата. Плановите за идната година велат дека се можни околу 170 нови вработувања, сто во Скопје и 70 во друштвата во странство. Вложувањата во човечкиот капитал се одвиваат со издвојување значителни средства за обуки и други придобивки за вработените, а се создаваат и предуслови за натамошно зголемување на просечната плата.

    Акциите на компанијата се атрактивни за инвеститорите, а тоа го потврдува интензитетот на тргувањето. Или, акциите кои котираат на официјалниот пазар на Македонската берза од 2002 година, секогаш се меѓу петте најтргувани и најликвидни. Годинава, цената за акција се движеше од 17.199 до 18.500 денари, во просек – 17.752,44 денари. При последната трансакција реализирана на 25 месецов, достигна цена од 18.150 денари.

    Пазарната капитализација на компанијата во декември е со износ од 26 милијарди денари, односно 422,1 милион евра.

    Во мрежата на „Алкалоид“ се 22 подружници, две во земјава, и 20 во странство, како и две претставништва – во Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Турција, Украина, Руската Федерација, САД, Велика Британија и Романија. Во тие рамки работно се ангажирани, во Македонија 2.146, а во странство 683 лица.

    Во трката – домашна и меѓународна, за конкурентност, пазарна позиција, достигнување високи цели и дострели, сенката што го следи „Алкалоид“ се етичките норми и стандарди, што го прави многу поразличен од компаниите во поблиското и подалечното опкружување.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично