Акцијата на Мермерен комбинат Прилеп е единствената на берзанската листа за постигнат најголем раст на вредноста во март. Во текот на месецот зајакнала за 16,67 насто, при што просечната цена се зголемила од 3.000 на 3.500 денари.
Движењето е уште позначајно ако се има предвид дека во февруари оваа акција беше рангирана на средината од негативната листа, поради месечниот пад од 9,09 отсто. Воедно, мартовското ценовно ниво е највисокото од почетокот на годинава.
Всушност, ова е одраз на месечните движења, при што во текот на март најголемиот дел од акциите на Македонска берза се соочија со пад или, во подобар случај, со стагнација.
Листата со минусен предзнак е целосно пополнета и ја сочинуваат пет акции кои на официјалниот пазар забележале најголемо намалување на просечната вредност. Ја предводи акцијата на Макстил, која загубила 12,30 отсто и од 122 се спуштила на 107 денари. И во февруари акцијата беше на истата листа, но на последната позиција.
Акцијата на Винарската визба Тиквеш на 27 февруари чинела просечни 9.600 денри, а на 31 март 8.650 денари. Разликата од минус 9,90 отсто ѝ го обезбедила второто место.
Следуваат три банкарски акции. Намалување од 8,81 отсто е регистрирано кај акцијата на ТТК банка, чија цена опаднала од 1.589 на 1.449 денари.
Последните две позиции ги заземаат обичната и приоритетната акција на Стопанска банка Скопје. Обичната акција го завршила месецот со просек од 2.357,37, во споредба со 2.520 денари претходно. Падот од 6,45 отсто е продолжение на февруарскиот тренд (-6,49 %).
Кај приоритетната акција, пак, е забележана негативна промена од 6,25 отсто, односно намалување на просечната цена од 800 на 750 денари.
Аналитика








