ПОВЕЌЕ

    САД ќе ги прекинат финансиските врски со руски банки доколку Путин ја нападне Украина

    Време зa читање: 4 минути

    Администрацијата на претседателот Џо Бајден подготви првичен пакет санкции против Русија што вклучува забрана на американските финансиски институции да обработуваат трансакции за големите руски банки, пишува Ројтерс, повикувајќи се на изјави од три лица запознаени со ова прашање.

    Мерките, кои би се имплементирани само доколку Русија ја нападне Украина, имаат за цел да ѝ наштетат на руската економија со прекинување на „кореспондентните“ банкарски односи меѓу целните руски банки и американските банки кои овозможуваат меѓународни плаќања.

    Иако САД претходно наговестија дека банкарски ограничувања ќе бидат дел од пакетот можни санкции, планот на администрацијата на Бајден да ги прекине коресподентските банкарски врски, кои ги поткрепуваат глобалните парични текови, тогаш не беше најавен.

    Соединетите Американски држави, исто така, ќе ја користат својата најмоќна алатка за санкции против одредени руски поединци и компании со тоа што ќе ги стават на списокот Специјално назначени државјани (SDN), исфрлајќи ги, со тоа, од американскиот банкарски систем, што подразбира забрана за трговија со Американци и замрзнување на нивните американски средства, велат истите извори.

    Белата куќа и Министерството за финансии одбија да коментираат, пишува Ројтерс.

    Изворите велат дека пакетот може да се промени до последен момент и дека сѐ уште не е јасно кои ќе бидат метите. Сепак, тие веруваат дека врвните руски финансиски институции, вклучително и ВТБ банка, Сбербанк, ВЕБ и Газпромбанк се можни цели.

    Експертите кои ги консултираше Ројтерс рекоа дека иако на кореспондентната банкарска алатка ѝ недостасува ознаката СДН, која ги замрзнува средствата на банката, тие сепак би можеле да зададат значаен удар на целните банки со тоа што ќе го отежнат трансакцијата во американски долари, која претставува глобалната резервна валута бидејќи голем дел од глобалната трговија се врши во долари.

    Не е јасно дали руските банки ќе бидат додадени на листата на СДН, но двата вида санкции би можеле тешко да ја погодат Русија.

    Бидејќи значителен број глобални трговски трансакции се во американски долари, ова е остра санкција, но сѐ уште без покомплицираната и посериозна санкција – ставањето на списокот СДН и замрзнувањето на сите средства во САД или во рацете на американски лица“, вели за Ројтерс адвокатот од Вашингтон, Кеј Георги, кој е специјализиран за меѓународна трговија.

    Изворите забележаа дека администрацијата може да ослободи одредени трансакции од ограничувањата доколку смета дека е потребно.

    Администрацијата на Бајден со недели се заканува со строги банкарски санкции против Русија во обид да го одврати рускиот претседател Владимир Путин од инвазијата на Украина. Москва собра повеќе од 150.000 војници на границите на Украина, но Путин ги негираше плановите за напад.

    Питер Харел, кој е член на Советот за национална безбедност, минатиот месец рече дека „тешките финансиски санкции“ се дел од стратегијата да ѝ наштети на руската економија, но да ги поштеди нејзините граѓани.

    Целта на финансиските санкции е навистина да има краткорочни трошоци за Русија, да предизвика бегство на капитал, да предизвика инфлација, да ја натераат руската Централна банка да обезбеди спасувачки средства за своите банки“, рече тој во говорот на крајот од минатиот месец.

    Тешките предупредувања ги ставија на работ некои американски финансиски фирми. Членовите на индустриите за финансиски услуги и плаќања изминативе денови биле во контакт со Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД, која управува со санкциите, велат изворите.

    Тензиите се зголемија во текот на викендот, бидејќи Русија ги продолжи воените вежби во Белорусија, зголемувајќи ги стравувањата меѓу западните сили од претстојната руска инвазија на Украина.

    Бајден и Путин во неделата начелно се согласија за самит, соопшти Франција, нудејќи надеж дека конфликтот може да се избегне. Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека Соединетите Држави и Велика Британија ќе го прекинат пристапот на руските компании до американските долари и британските фунти доколку Кремљ нареди инвазија.

    Администрацијата на Бајден беше слично агресивна во својата реторика. На брифингот во петокот, заменик-советникот за национална безбедност Дејп Синг им рече на новинарите дека цената за Русија од инвазијата ќе биде „огромна, и за нејзината економија и за нејзината стратешка позиција во светот“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично