Да се продолжат роковите за поднесување на годишни сметки и финансиски извештаи до 30 април за хартиено поднесување, односно 15 мај за електронско подесување.
„Роковите пропишани со Законот за трговските друштва се исклучително кратки, велат од Комората на сметководители.
Во соседните Бугарија и Србија извештаите се поднесуваат до 30.6, во Хрватска до 30.4, во Германија до 31.3 за големи ентитети и 30.6 за малите претпријатијата, во Франција и Шведска до 31.7 итн.
Дополнителен проблем кој се јави во 2020 година, сметководителите од здравствени и други причини беа оневозможени непречено да ги извршуваат своите активности. Поради тоа се јавија големи застои при обработката на документите и нивната евиденција во сметководствените евиденциски системи, изјави Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на Комората на сметководители.
„Доколку се пролонгираат екстремно рестриктивните рокови кои се пропишани со Законот за трговските друштва ќе се зголеми квалитетот на презентираните податоци во годишните сметки и финансиските извештаи. Преку законски измени проблемите со кои се соочуваме при секое поднесување на извештаите ќе бидат системски надминати”, потенцира Грозданов.
Комората повикува и на реализирање на најавата за формирање на работна група за подготовка на Законот за вршење на сметководствени работи, со што треба да се надминат неповолните состојби во професијата, но и да се даде придонес кон унапредување на деловното окружување во земјата.
Во насока на подобрување на квалитетот на финансиските извештаи преку обезбедување на соодветно континуирано и професионално усовршување, ја потенцираме на потребата од носење на нов Закон за вршење сметководствени работи со кој што ќе се унапреди професијата, ќе се воспостави професионален Институт на сметководители и овластени сметководители кој ќе биде дел од престижните меѓународни институции.
„Структури од Министерството за финансии континуирано се обидуваат да донесат законски измени со кои што само поединци имаат личен бенефит и профит а професијата со тоа дополнително се загрозува. Приходот на хартија не ни е намален меѓутоа ликвидноста и те како е намалена. Слухот на надлежните институции недостасува во голема мера“, рече Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководители.
Таа потенцира дека наместо вистински залагања за уредување на професија која ангажира околу 10.000 професионалци, структури од Министерството за финансии континуирано се обидуваат да донесат законски измени со кои само поединци имаат личен бенефит и профит, а професијата дополнително се загрозува.
Комората на сметководители во насока на подобрување на состојбата на деловните субјекти од оваа дејност како дел од предлозите за економски мерки од петтиот пакет кои Сојузот на стопански комори ги достави до Владата бара еднократна неповратна помош за правните субјекти кои како дејност вршат сметководствени работи.