ПОВЕЌЕ

    Рекордното поскапување на храната ќе потрае

    Време зa читање: 3 минути

    Краткорочно не можат да се отстранат факторите кои доведоа до огромното поскапување на житариците и маслодајните култури, од кои зависат и цените на останатите прехранбени производи. Затоа ќе трае рекордното поскапување на храната.

    Високите цени на житариците и маслодајните култури, од кои зависат цените на другите основни прехранбени производи, би можеле да останат на рекордно високо ниво до следната жетва на крајот на летото, прогнозира Новосадската берза на производи.

    Цените на житариците и маслодајните култури во текот на минатата година достигнаа рекордно високо ниво на светските берзи поради ниските приноси. Ниските приноси се предизвикани од сушата и климатските промени во водечките области во светот во производството на овие култури. Ова, заедно со растот на цените на горивата и минералните ѓубрива, влијаеше на поскапувањето на брашното, маслото, лебот и добиточната храна во текот на 2021 година за над 100 отсто, а индиректно и другите земјоделски производи како млекото, сирењето, месото, јајцата. …

    Експертите од Новосадската берза на производи посочуваат дека е тешко да се предвиди што ќе се случи годинава, но дека врз основа на моменталните трендови на пазарот може донекаде да се предвиди што се очекува.

    „Ситуацијата на пазарот, генерално, е исклучително сложена. Ако само се потсетиме на некои очекувања дека короната ќе доведе до пад на побарувачката, затворање на пазарот, а со тоа и пад на сите цени, ќе видиме дека се случи сосема спротивно сценарио. Речиси цела 2021 година, сите стоки, не само земјоделските производи, бележат огромен пораст на цените“, велат во Нови Сад на берзата за производи и додаваат:

    „Глобалните настани, шпекулациите, психолошките очекувања, логистичките проблеми, печатењето пари се само дел од факторите кои доведоа до глобална инфлација. Овие фактори не се појавија брзо, па не се очекува нивно брзо елиминирање, односно се очекува цените на сите стоки да останат на високо ниво. Се разбира, секогаш е можно некој од најголемите производители или увозници да донесе одлука со цел да го заштити сопствениот пазар, што може да се одрази во целосните светски трендови“.

    Според нивниот извештај, во текот на минатата година во однос на 2020 година е забележан пораст на цените на сите примарни земјоделски производи.

    Споредено со 2019 година, цената на пченката има раст од 68,2 отсто, на пченицата од 60,5 отсто, додека сојата поскапела за 86,7 отсто“, велат оттаму.

    На прашањето дали може да се очекуваат подобри приноси во Србија, најголемиот регионален производител на жита и маслодајни култури, од берзата за производи велат дека се засеани поголеми површини. Но, приносот ќе зависи од временските услови како и од тоа колку земјоделците инвестирале или се подготвени да инвестираат во подобрување на приносот поради високите цени на минералните ѓубрива.

    Цените на инпутите за сеидба достигнаа многу високи нивоа, па сеидбата беше поскапа од претходните години“, посочуваат од Берзата на производи.

    Како пример за растот на трошоците за минералните ѓубрива наведуваат дека руската уреа на крајот на минатата година достигнала цена од 90 центи без ДДВ, што е годишен раст од дури 232 проценти.

    Од друга страна, Србија има проблеми со квалитетот на своите жита и маслодајни култури.

    „Оваа година имавме многу разговори со компании од регионот поради проширувањето на берзата во регионот. И токму како најголем проблем на српскиот пазар, српската пченица, го издвојуваат квалитетот“, вели Милош Јањиќ од Новосадската берза на производи.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично