По одобрените 5,9 милиони евра, за 506 компании, кои вработуваат 3,552 лица што ја сочинуваа првата група кредитни барања кои ги исполнија условите од јавниот повик на Развојната Банка,на ред дојде и одобрување на нова, втора група.
Втората група од 770 кредитни барања е одобрена од третата бескаматна кредитна линија со грант компонента, која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА програмата.
Втората група кредитни барања е на износ од 8,8 милиони евра за 770 компании кои вработуваат вкупно 5.898 лица.
Вкупно досега, од кредитната линија за која се предвидени средства до 31 милиони евра, се одобрени 1.276 кредитни барања на вкупен износ од 14,7 милиони евра, а кои ги исполниле условите од јавниот повик објавен на 7-ми декември 2020 год. Според структурата на досега одобрените кредитни барања, 715 кредитни барања доаѓаат од мали компании, 475 барања се од микро компании, 67 кредитни барања се од трговци-поединци и 19 кредитни барања се од занаетчии.
Најголем дел од одобрените 1.276 кредитни барања, доаѓаат од Скопскиот регион, и тоа 32%, а по него следи Полошкиот регион со 16%, Југозападниот регион со 13% и Југоисточниот регион со 11%. Источниот и Пелагонискиот регион доаѓаат следни со 9 отсто од одобрените кредитни барања, додека од Вардарскиот и Североисточниот регион доаѓаат 5% од одобрените кредитни барања.
Кредитните барања се обработуваат хронолошки, како што се пристигнати, согласно Јавниот повик и информациите наведени во него. Одобрувањето на кредитните барања ќе се врши во групи, сè до исцрпување на расположливите средства од Фондот за микро и мали претпријатија.
Во следните денови, службите на банката ќе достават известување по пат на е-маил порака до адресата на компаниите од тековната состојба за да ги информираат компаниите чии кредитни барања се одобрени.