Сигурен на домашниот, препознатлив на странските пазари, во постојан поход за освојување нови простори. Тоа се позициите кои гарантираат успех, а на кои цврсто опстојува „Алкалоид“. Зголемена добивка базирана на производство, продажба, инвестиции, иновации, вработувања. За тоа говорат сите финансиски извештаи на фармацевтската компанија. Во последниот е забележано: единечна нето-добивка од 14,28 милиони евра, извоз од речиси 107 милиони евра, инвестиции од над околу 11 милиони евра, 161 ново вработување…
Со сериозниот пристап кон работењето „Алкалоид“ во првата половина од годинава за осум проценти ја зголемил единечната нето-добивка, која достигнува износ од 882.679 илјади денари. Консолидираната нето-добивка за овој период е 825.117 илјади денари или 13,35 милиони евра и повисока е за седум насто.
Производите од брендот „Алкалоид“ влеваат сигурност кај потрошувачите, што на компанијата и обезбедува 96 проценти од вкупните приходи. Во шестте месеци на домашниот терен се остварени продажби во износ од 1.810.643.000 денари, односно 29,3 милиони евра. Пласманот и продажбата на странските пазари донеле 4.898.972.000 денари или 79,27 милиони евра. Оттаму и вкупниот ефект од 6.709.615.000 денари, што е противвредност на повеќе од 108,5 милиони евра. Тоа се единечните продажби.
Консолидираните продажби на готови производи и услуги покажуваат дека дома има раст за 18 процент и сума од 2.894.251.000 денари (46,8 милиони евра).
Од извозот се забележани следните постигнувања: на пазарите во Југоисточна Европа од продажбата се остварени 2.571.443.000 денари (41,6 милиони евра); во Источна Европа – 1.869.742.000 денари (30,2 милиони евра); Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) – 2.075.685.000 денари (33,58 милиони евра); други земји 64.102.000 денари (над милион евра). Се на се од странските пазари се инкасирани 6.580.972.000 денари или речиси 107 милиони евра.
Странските пазари заземаат 69 проценти од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст, за 16 насто, бележат продажбите во земјите од Источна Европа, но и во Западна Европа – за 13 проценти.
„Алкалоид“ постојано вложува во сопствениот развој, па во шестте месеци вкупните инвестиции во основни средства изнесуваат 679.677.000 денари.
Од компанијата посочуваат дека во првото полугодие е реализирана стратешка инвестиција во ПЦ Козметика. Инсталирана е нова линија за производство и за пакување влажни марамчиња, во вредност од 1,7 милиони евра.
Зад сите овие достигнувања стои добро организиран тим, кој постојано се проширува. Во првата половина од годинава има 161 ново вработување. Групацијата сега брои 2.970 вработени, од кои 2.259 се во земјава, а 711 се ангажирани во капитално поврзаните друштва во странство. Компанијата важи за најпосакуван работодавач во својата дејност, затоа што освен високите плати, обезбедува услови кои се на светско рамниште.
Потврда за стабилноста и просперитетноста на нашата најголема и најуспешна фармацевтска куќа даваат и берзанските податоци. Акцијата е меѓу најтргуваните, а во периодот јануари – јуни се движеше од 18.151 до 21.100 денари. Или, има просек од 20.237,94 денари. за една акција. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот. Со состојба од последниот ден на јуни, акциите на „Алкалоид“ се во сопственост на 5.597 акционери, a пазарната капитализација на компанијата е 29,5 милијарди денари.
Сигурно е дека како компанија која во светот се пробива од Македонија, „Алкалоид“ наидува на низа препреки во работењето. Сепак, според повеќедецениското делување сигурно е и дека ниту се обесхрабрува, ниту се откажува од зацртаното. Па, во претстојниот период се очекуваат инвестиции од околу десет проценти од консолидираните приходи, десетпроцентен раст на консолидираните продажби, седум насто плус кај профитот. Можеби и повеќе.
М.А.