ПОВЕЌЕ

    Растот на минималецот носи ризик: Да не се лицитира колку да биде износот

    Време зa читање: 6 минути

    Нереалното зголемување на минималната плата може да доведе до удар во економијата, секое зголемување на минималецот во поголем интензитет од продуктивноста, не само што не е издржливо, туку е штетно на среден, а особено на долг рок.  Работодавците и економистите се согласни дека минималната плата го зголемува стандардот, но дека се потребни подлабоки структурни промени и дека треба да се следи продуктивноста.

    Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) побара од Владата во првите сто дена да ги прими на разговор и да ја зголеми минималната плата на 450 евра, министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска одговори со барање за дополнителни анализи. Токму поради ова барање на синдикатите вели дека ги задолжила сите јавни институции да направат вонредни ревизии од што ќе зависи што ќе се прави со минималната плата.

    Според претседателот на Собранието на Организација на работодавци на Македонија, минималната плата има две димензии, едната е социјалната, а другата е економската. Ова значи дека при одредувањето на висината на минималната плата потребно е да се земат предвид потребите на работниците и нивните семејства од една страна, но и потребите за економскиот развој, нивото на продуктивноста и конкурентноста на домашното стопанство на светските пазари.
    – Висината на минималната плата мора да се утврдува врз база на анализа за тоа колкав број на работници ќе земаат минимална плата, кои сектори ќе бидат најпогодени и какви реперкусии ќе предизвика минималната плата врз инфлацијата. Кај нас погрешно се смета дека минималната плата е механизам за покачување на сите плати во земјава. Минимална плата треба да земаат само најниско платените работници и оние со нај нискиспособности – објаснува Димитров како одговорот на прашањата поставени од „Пари“ .
    Неговиот став на тоа зошто минималната плата не треба да се поставува многу високо, е најпрвин дека тоа доведува до компресија на платите и смалување на разликата или дури до изедначување на платите помеѓу најниско платените со работниците од повисоките нивоа – со подобри квалификации и работни способности.

    -Ова доведува до демотивираност на добрите работници и намалување на продуктивноста. Не случајно Европската комисија дури четири години преговараше со Европската конфедерација на синдикати ЕТУЦ и се договорија дека минималната плата треба да се движи околу 50 отсто од просечната плата во секоја земја поодделно. Другите последици се врз економијата во целост. Зголемените трошоци за плати, работодавачите најпрвин ќе се обидат да ги покријат со зголемување на цените на производите и услугите и товарот да го префрли врз потрошувачите. Се разбира дека оние кои имаат поголема конкуренција и кои работат за меѓународниот пазар не се во состојба тоа да го сторат. Ова доведува до намалена конкурентност на овие компании, помало производство и помал извоз – укажува Димитров.
    На крајот сето ова може да доведе до намалување на бројот на работници и затворање на компании. Во вакви услови некои земји се одлучиле за замрзнување на платите на одреден период, бидејќи повисоката минимална плата води кон повисока просечна плата, а оваа, пак, до ново зголемување на минималната и таа спирала прави големи проблеми на економијата.
    – Затоа, минималната плата треба да ја следи продуктивноста во земјата, а тоа
    најчесто се прави преку споредба со БДП по жител – истакнува Димитров.

    Кога во Македонија се воведе минималната плата, во 2012 година, изнесуваше 39,6 отсто од просечната плата. По тоа следуваа неколку „политички“ зголемувања, наведува претседателот на Собранието на ОРМ, кои беа надвор од критериумите воведени во законот (растот на просечната плата, растот на БДП и растот на инфлацијата).

    -Така во декември 2017 година таа се зголеми на 12.000 денари и достигна 51 отсто од просечната. Во декември 2019 се зголеми на 14.500 денари и изнесуваше 56 отсто од просечната плата во земјата и во март 2022 на 18.000 каде достигна рекордни 58 отсто од просечната плата. Денес минималната плата изнесува 22.567 денари и достигна 56 отсто од просечната плата во земјава. Затоа во земјава треба да ги направиме сите потребни реформи кои ќе доведат до повисока продуктивност и повисоки просечни плати, а минималната плата треба да ја земаат само најниско платените работници и нивниот број да се движи околу 35.000 работници – смета Димитров.

    Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски, истакна дека на нашето стопанство му требаат структурни реформи.

    -Може да биде минималната плата и 800 евра, но истиот тој ден кога ќе се донесе таква одлука, 50 отсто од луѓето ќе треба да си одат дома. Тоа се поврзани работи. Нагли скокови бизисот, едноставно, не подесува. Му треба време за аклиматизација. Треба да се создаде позитивна клима во која таа плата природно ќе расте, со реални механизми, а не да се лицитира колку треба да биде – укажува тој.

    Од институтот за економски истражувања и политики, „Фајненс тинк“ велат дека растот на минималната плата е важен за да го зачува животниот стандард на работниците и таа во март се усогласува со растот на просечната плата и трошоците на живот. Нивното очекување е дека според таа формула ќе се продолжи и при следното усогласување.

    -Би сугерирале на Владата да го промени механизмот на усогласување со растот на БДП наместо со растот на платите, бидејќи се создава перпетуална врска, односно минималните плати се дел од калкулацијата на просечната плата, и врзувањето на минималната за просечната не прави смисла – потенцираат од институтот.

    – Според наша студија од 2023 година, две третини од притисокот врз платите го креира недостигот од работници, а минималната плата учествува со помалку од една третина. Притисокот што го креира тој недостиг од работници може да се доведе во тесна врска со продуктивноста, односно обемот на производство, и таквиот притисок е природен, односно според економските законитости. Се’ друго што значи вештачки притисок врз платите креира повеќе проблеми отколку придобивки. На пример, тоа е секако опасно во инфлациско окружување, бидејќи може да придонесе кон инфлацискиот притисок. Потоа, со вештачко подигање на минималната плата се врши изедначување помеѓу неколку категории граѓани кои оперирале над старото ниво на минимална плата – посочуваат од „Фајненс тинк“.

    К.М.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично