Усогласувањето на пензиите со трошоците на живот и со просечната плата, кое овојпат означува поместување од пет проценти, крена тензии меѓу пензионерите. Реакциите се предизвикани среде сплетот од неколку несреќни околности – очекуваа повеќе, датумот на првото годишно порамнување се совпадна со истекот на гаранцијата за цените на прехранбените производи што автоматски предизвика извесни поскапувања, а згора на сѐ, периодот на случувањата е предизборен. Па, незадоволството на пензионерите е подбуцнато и од реалноста оптоварена со егзистенцијални проблеми и од загриженоста за нивната судбина што во изобилство ја искажуваат „ловците“ на гласови.
Кога на први април на сметките ќе легне мартовската пензија, 2.545 пензионери ќе добијат плус 626,4 денари. Тоа се оние кои живеат со најниското примање од 12.528 денари. Со вишокот од десетина евра би можеле да купат, на пример, околу 1,5 килограми мешан кашкавал. Во некој од маркетите со популарни цени.
Од 337.106 пензионери (според јануарската статистика на ПИОМ), само кај 19 лица пресметаните пет проценти ќе придонесат со 3.801 денар. Само тие во Македонија примаат пензија од 76.035 денари.
„Пари“ ги анализираше последните податоци објавени од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, кои освен што ги нотираат состојбите во јануари, даваат и преглед за тоа како низ годините се усогласувале пензиите. На пример, оние 600 и кусур денари што сега им следуваат на корисниците на најниската пензија, во три последователи години ги добивале сите пензионери. Во 2014 се работело за фиксен износ од 600 денари, во 2015 за 621, а во 2016 – 654 денари.
Во првиот месец од годинава, просечната исплатена пензија изнесувала 20.130 денари. Најнискиот просек е резервиран за земјоделските – од 10.419, а највисокиот за воените пензии – 28.422 денари. Забележлива е разлика кај просечната инвалидска пензија. Во декември била 17.914, а во јануари 26.667 денари. Другите се на речиси исто ниво.
Исто така, воочливо е дека има зголемување на корисниците класифицирани во групата со пензии до 12.528 денари, од 17.171 во декември на 24.285 во јануари. Така, и учеството во структурата е поместено од 5,08 на 7,20 проценти. Во тие рамки, најголемата промена е кај корисниците на старосна пензија – според јануарските податоци се 12.264, а претходно биле 7.745.
Слично е и во наредната група која ги опфаќа износите од 12.529 до 16.058 денари, само што овде има намалување на бројот на пензионерите. Актуелниот податок е 118.234, додека во последниот месец од 2023 биле 126.405, а уделот во структурата е намален од 37,42 (декември) на 35,07 проценти (јануари). И тука има поголем месечен расчекор кај примателите на старосна пензија. Во јануари ги имало 66.306, а во декември 71.574.
Веќе споменавме дека највисоките месечни примања од 76.035 денари ги имаат 19 лица. Едно ја користи како семејна, а 18 како старосна пензија. Според последните статистики на ПИОМ и тука има големо осипување. Во декември како најголем износ е забележана сума од 73.503 денари, а бројот на приматели е 75.
Најниските законски предвидени пензии завршуваат на сметките од 86.497 пензионери. Или „привилегија“ се на нешто помалку од една четвртина од сите пензионери во државата. Се движат од 12.528 до 16.058 денари, зависно од периодот на пензионирање.
Почнувајќи од декември, дел од пензионерите, оние со примања до 19 илјади денари, добиваат државна помош од 1.500, две или три илјади денари. Целта беше во рамките на последниот антикризен пакет да им се помогне на најзагрозените пензонери полесно да ја протуркаат зимата. Мерката завршува во април. Инаку, токму за владините антикризни пакети согледувањата на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ се дека финансиската поддршка за пензионерите е со релативно широко таргетирање и затоа наликува на предизборна мерка. Укажуваат дека треба да се интервенира само кај најниските пензии. Во тој контекст посочуваат дека во однос на доходните мерки, потребно е потесно таргетирање и калибрирање, со цел да се поддржи фискалната консолидација, што посебно се однесува на обемот на трошењето за пензии. И во оваа, како и во друга претходна анализа, предупредуваат дека зголемувањето на пензиите е ризично за пензискиот фонд, исто како и за централниот буџет.
М.А.