Заштитата на слободата на изразување и слободата на медиумите во време на пандемија е од витална важност за зачувување на европските вредности и унапредување на нашите демократски општества. Сведоци сме како во повеќето европски земји луѓето живеат со пандемијата скоро девет месеци, состојба која во голема мера влијае на нашите заедници, економии, семејства и секојдневен живот. Како што се ширеше пандемијата ние сѐ повеќе и повеќе се потпиравме на медиумите за вести и информации што ќе ни помогнат да ја разбереме кризата со КОВИД-19, на кој начин да се заштитиме ние и нашите семејства, кои се пошироките импликации од ширењето на вирусот, како и да го оцениме начинот на кој нашите влади и глобалната заедница одговараат на кризата.
Кризата ја зголеми потребата на луѓето да имаат пристап до доверливи информации и вести на кои може да им веруваат, потреба која е сама по себе предизвик со оглед на преплавеноста од дигитални информации, употребата на разни недоверливи алатки за комуникација и нови извори, и придружниот феномент на информациски неред. Од март оваа година, новинар(к)ите и медиумските професионалци во Европа, но и во Северна Македонија, работат во тешки услови поврзани со нивното здравје, зголемениот притисок од државните власти во процесот на известување за пандемијата додека ресурсите кои им се на располагање се сѐ позастарени.
Веќе со децении работата на Советот на Европа за заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите се фокусира на одредени столбови – како што се медиумската политика и уредување, информациска писменост и безбедност на новинар(к)ите, кои како целина градат поволно опкружување за независно, слободно, безбедно и квалитетно новинарство. Секој од овие столбови е под влијание на пандемијата КОВИД-19, што претставува голем предизвик и пречка во процесот на гарантирање на слободата на изразување и обезбедување слободни и непристрасни медиуми.
Преминот кон конзумирање медиуми на онлајн платформи, од социјални медиуми и платформи за пребарување до апликации за испраќање пораки, во корелација со феноменот наречен онлајн дезинформации, реторика со говор на омраза и изборни манипулации, резултира со опаѓање на довербата во медиумите, експертизата и демократските институции.
Во моменталниот контекст на медиумска диверзификација и сегментација, студијата Медиумска писменост за сите дава примери како медиумите во заедницата може да промовираат медиумска писменост и како таквата работа може да доведе до зајакнување на учеството на маргинализираните заедници во медиумското опкружување и јавниот дискурс. Уште една важна студија Поддржување квалитетно новинарство преку медиумска и информатичка писменост им овозможува на земјите-членки, медиумските чинители и едукатори вреден увид во програмите и проектите за медиумски и информатички општества кои може да ја истакнат вредноста на квалитетното новинарство пред поединци од сите возразни групи и од различно потекло.
Сеопфатниот пристап на Советот на Европа кон заштитата на слободата на изразување почнува и завршува со безбедноста на новинар(к)ите. Тоа останува еден од клучните предизвици за медиумското опкружување, како што се забележува преку известувањата на Платформата за заштита на новинарството и безбедност на новинар(к)ите. Препораката CM/Rec(2016)4 за заштита на новинарството и безбедност на новинарите и другите медиумски актери дава детални насоки за спречување кривични дела против новинар(к)ите, мерки за заштита, барања за ефикасно судско гонење и насоки за подигање на свеста за ова прашање. Свесни за состојбата, а со цел обезбедување подобра заштита за новинар(к)ите од страна на земјите-членки, оваа година Советот на Европа исто така објави и Водич за спроведување на Препораката cm/Rec(2016)4. Водичот нуди конкретни насоки за постапување со цел заштита на новинар(к)ите и другите медиумски актери и ставање крај на неказнувањето. Конкретно, Водичот е наменет за поддршка на земјите-членки во изготвувањето нацрт планови за активности за безбедност на новинар(к)ите, осигурувајќи дека таквите планови имаат поставено приоритети по ургентност и се надополнети со соодветни ресурси за нивно спроведување.
Со ширењето на КОВИД-19, предизвиците за медиумското опкружување добија нови димензии и станаа поакутни. Барањето заштита за своето население од заканата, многу држави усвоија мерки кои неизбежно навлегуваат во делот на правата и слободите кои се составен дел од едно демократстко општество. Додека ефикасните одговори на кризата се императив, мерките кои ги преземаат државите не треба да ја поткопуваат една од основните вредности на демократијата во Европа: слободата на изразување.
Сега повеќе од било кога, потребно ни е доверливо новинарство, кое се потпира на стандардите на професионалната етика, а кое обезбедува информации за јавноста и ги проучува мерките кои се преземаат како одговор на глобалната закана по здравјето. Точните информации се неопходни, вклучително и деталното истражување од новинарите во научниот дел, со што ќе се спротистават на гласините и дезинформациите кои може да предизвикаат паника. Ова се олеснува преку креирање форуми за дијалог помеѓу владите и медиумските чинители.
Во согласност со Насоките на Советот на Европа за заштита на слободата на изразување и информирање во време на криза, кризата не треба да се користи како вовед во ограничување на пристапот до информации за јавноста. Ниту пак треба државите да воведат рестрикции на слободата на медиумите надвор од ограничувањата кои ги дозволува членот 10 од Европската конвенција за човекови права.
Советот на Европа ги повикува земјите-членки, заедно со сите медиумски чинители, да се стремат да овозможат поволно опкружување за квалитетно новинарство во согласност со поставените европски стандарди. Во такви услови, посебно внимание треба да се посвети на обезбедување соодветни работни услови за новинар(к)ите, вклучително и медицинска заштита за секакви ризици од корона вирус кои се поврзани со нивната работа.
„Справување со глобална здравствена криза, притоа задржувајќи ја слободата на изразување и информирање” е иницијатива за подигнување на свеста која е дел од проектот “Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“ (ЈУФРЕКС). ЈУФРЕКС е дел од „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II, иницијатива за соработка, што им овозможува на корисниците да ги исполнат своите реформски агенди во областа на човековите права, владеењето на правото и демократија и да се усогласат со европските стандарди.