ПОВЕЌЕ

    Право на надоместок за годишен одмор – регрес

    Време зa читање: 3 минути

    Остануваат уште 3 недели до крајот на месец декември или месец во кој сите вработени од приватниот сектор го очекуваат својот надоместок за годишен одмор познат како регрес или К-15.

    Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на календарската година, а исплатата на регресот е задолжителна за работодавачите од приватниот сектор и тоа да исплатат на вработените кои кај нив (кај истиот работодавач) работеле најмалку 6 (шест) месеци во текот на една календарска година. Како минимален износ за исплата на регресот е определен износот во висина од 40% од просечната месечна нето плата по работник во РСМ исплатена во последните три месеци пред донесување на Одлуката за исплата на регресот, кој износ во моментов изнесува 10.962,оо денари. За овој износ е уредено да се исплаќа и данок за личен доход за вработениот, кој во овој случај изнесува износ од 1.218,оо денари.

    Без оглед на финансиските потешкотии при работењето кои ги наметна оваа година, не постои вонредна мерка или ослободување од обврската за исплата на надоместокот за годишен одмор.

    Согласно Општиот колективен договор на ниво на стопанството кај компаниите кај кои настанале потешкотии во работењето (ценејќи ја нивната економско – финансинска состојба), имаат можност да евентуално по претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, да потпишат спогодба со репрезентативниот синдикат на ниво на работодавач, со која спогодба ќе определат исплата за регрес за годишен одмор во висина помала од утврдениот минимум (помалку од 10.962,оо денари).

    Оние компании – работодавачи, кај кои не е формиран синдикат, писмената спогодба за утврдување на износ за регрес за годишен одмор во висина помала од утврдениот минимум се потпишува со избран претставник од вработените кај компанијата – работодавач. Изборот на претставник на вработените се врши со Одлука од вработените, која е донесена со мнозинство гласови од вкупниот број на вработени кај работодавачот.

    Утврдувањето на овие околности и на ваквиот помал износ е заедничко договорно право помеѓу компанијата – работодавач и вработените, односно репрезентативниот синдикат кај работодавачот или избраниот претставник на вработените.

    Секако, работодавачот може да исплати регрес за годишен одмор и во износ повисок од определениот минимален износ, а во која ситуација исплатениот износ на регрес за годишен одмор во висина над 40% од просечната месечна бруто плата по работник во РСМ (објавена до денот на исплатата), се оданочува со данок на добивка во висина од 10% (непризнат расход).

    За непочитување на обврската предвидена е прекршочна одговорност за сторителот – работодавач како правно лице кои во зависност од големината на работодавачот-правно лице се движат од 200 евра до 400 евра за микро и мал работодавач, во износ од 300 до 600 евра за среден работодавач, во износ од 600 до 1000 евра за голем работодавач, како и одговорност за одговорното лице кај работодавачот правно лице и тоа 150 евра кај микро и мал работодавач, износ од 300 евра кај среден работодавач и износ од 400 евра кај голем работодавач, а казна во износ од 250 евра е пропишана за самостоен вршител на дејност.

    Казнувањето се однесува за секој поединечен случај односно глобата е предвидена во износ за непостапување по вработен, a покрај прекршокот, се предвидува и кривична одговорност за правното лице и одговорното лице кај работодавачот.

    Пишува: Правен тим на Пари

    Повеќе инфо на [email protected]

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично