ПОВЕЌЕ

    „Поставете 100 стручни лица на клучните позиции и за пет години економијата ќе биде средена“

    Време зa читање: 5 минути

    Каква пазарна економија сакаме? Прашањето не е само економско, туку е и општествено. Цели 32 години работата се турка под тепих и не може јасно да се каже – во што се трансформираше македонската економија. Но, истражувањата покажуваат дека и на среден и на долг рок е силно зависна пазарна економија. И, ако не настанат промени, последиците ќе бидат долгорочни и ќе го погодат бизнис секторот. Предупредувањето го изрече економистот Зоран Јовановски, потпретседател и советник во кабинетот на претседателот на Стопанската комора за макроекономски прашања и јавни финансии.

    Сигурен е дека економската состојба и кај нас може да се среди, и тоа за пет години. Но, под услов – на 100 клучни позиции да се постават стручни лица неоптоварени со политички влијанија и да се остават да работат без мешање од страна. Во политиката си или подмет или предмет. Бизнисот е предмет, посочи Јовановски.

    Според него важни теми се даноците, платите, пензиите, субвенциите, државната помош, образованието, здравството, енергетиката… Актуелни се, циклично се вртат, но не се најважни, зашто се зборува за зграда од првиот кат па нагоре, а не за темелите. Нагласи – најважна е економијата. Посочи на американскиот и европскиот, односно германскиот модел. Во првиот модел пазарот е речиси се, во фокусот на општеството е поединецот, а улогата на државата е да обезбеди услови за владеење на правото и безбедноста. Во вториот, координирана економија, важен е пазарот, но и пошироката заедница, има економска корист и социјална праведност за сите. Државата е значаен чинител која врши прераспределба на доходот, појасни Јовановски.

    Кај нас, пак, постои огромен расчекор меѓу желбите и можностите. Луѓето сакаат повисоки плати и пензии, помош од државата, сакаат недопирливост како членови на партија, очекуваат без бногу напор сите да се еднакви во општеството… Ова е пренесено и на младите, кои немаат финансиски услови да обезбедат нешто подобро и чекаат од државата да им даде. Така се создаде илузијата за „бесплатниот ручек“, кој во економијата не постои, поентираше тој.

    Освен тоа, желбите се сметаат за стекнато право и тоа на трајна основа. Ова е сериозен проблем, затоа што од другата страна се можностите да се одговори на тие очекувања. Реално, државата нема основа за сето тоа. Така се роди популизмот кој владее во земјата. Државата се задолжува. Долгот е огромен, а капиталните расходи се ниски. Во услови кога нема пари се позајмуваат од странство, се расфрлаат како од хеликоптер во економијата и народот е среќен. До кога?, праша овој реномиран економист, додавајќи дека домашната економија е неконкурентна. На долг рок тоа резултира со две милијарди евра дефицит во трговската размена. Секоја година. А изворите на финансирањето на дефицитот се нестабилни. На крајот, тоа се рефлектира во билансот на плаќање. Ако дојде до тоа проблемот изнудено да се решава, тогаш следуваат рестриктивни мерки, повисоки даноци и зголемување на сиромаштијата. Цената ќе ја плати бизнисот. Ако продолжи оваа состојба, предупреди Јовановски, ќе дојде и до социјални тензии.

    Зборувајќи за тоа кој од моделите би требало да се одбере за да се опорави нашата економија, појасни – доколку определбата е американскиот, тогаш бесплатното образование ќе биде ограничено, исто и здравството, не ќе може до крај да се одговори на желбите од народот, зашто тоа ќе значи се да се прави во согласност со должината на чергата. Ако, пак, се избере европскиот модел, координираната пазарна економија, ќе има прилагодувања кај сите страни. При што драматично треба да се менува државниот апарат и неопходно ќе е да се постигне нов општествен договор. Улогата на државата треба да е проактивна, при што да нужно е да уследи дефинирање на индустриската политика, за да направи избор и да поддржи сектори со редистрибуција на буџетските приходи.

    Координираната пазарна економија е подобар избор во услови на оваа сиромаштија. Бизнисите да се обединат, а механизмот е Стопанската комора, при што ќе се искористи целиот нејзин потенцијал. Ова е можно, не е само идеја, рече Јовановски, посочувајќи го Сингапур, каде што успеале економски да се издигнат со примена на формулата МПХ – меритократија, односно владеење на лица избрани според знаењата и способностите, прагматизам и чесност – без корупција и со казнување и најависоките претставници на власта.

    Сето ова е остварливо. Не би зборувал ако не сум сигурен. Потребно е визионерство. По примерот на Сингапур. Прв услов за успех е лидерството на челникот, а второ – сите немири и тензии ќе запрат кога ќе се постигне и ќе се почувствува економскиот успех, нагласи Зоран Јовановски, кој го одржа првото месечно обраќањ на актуелна тема, новина што ја воведе Стопанската комора. Со цел да се актуелизираат одредени теми од интерес за бизнис секторот, но и да се испратат конкретни пораки до носителите на економските политики за клучните приоритети во државата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично