ПОВЕЌЕ

    ПЛАТИ И ПЕНЗИИ ЗА ЖИВЕЕЊЕ, НЕ ЗА ПРЕЖИВУВАЊЕ – Процентите ги пресметаа, но не и граѓанскиот револт

    Време зa читање: 5 минути

    Платите и пензиите не се симнуваат од дневниот ред и од март наваму се меѓу најчесто третираните теми во јавноста. Пред се, поради тоа што има и случувања од типот на протести и најави за протести, штрајкови и најави за штрајкови… Последни во низата се предупредувањето од Синдиктот на Клинички центар за можноста од протести доколку августовската не се усогласи со минималната плата; и протестот на прилепските пензионери со барање за линеарно зголемување на пензиите по 3.500 денари, а не 6,8 проценти за сите.

    Најзагрозените групи вработени на Клинички имаат месечни примања од 15.900 до 18 илјади денари, што е под законскиот минималец, посочија од Синдикатот. За усогласување на платите, по предлог на ресорниот министер, пред десетина дена е формирана работна група.

    „Никој во државата не смее да има плата под минималната 20.175 денари. Кај нас тоа не е така. До четврта група на сложеност, тие кои се најзагрозени групи, добиваат од 15.900 до некаде 17-18.000 плата. Тоа, според закон, е кривично дело“, изјави претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски.

    Поддршка добиле од министерот за здравство Фатмир Меџити кој, како што наведе Серафимовски, ќе се заложи пред септември, кога ќе уследи зголемувањето од 10 проценти, согласно постигнатот договор за платите во јавниот сектор, никој да не стартува со износи под минималецот. Барањата се усогласени заеднички со експерти од Фондот за здравство, од ССМ и од Синдикатот на Клинички. И, веќе се доставени до надлежните – министерот, до Фондот, до финансискиот директор на Фондот, Миле Сугарев, и до ССМ.

    На иста линија се и од иницијативниот одбор за формирање нов лекарски синдикат, кој според доктор Нико Беќаровски, е резултат на екстремното незадоволство, наталожено изминатите месеци. А, ќе функционира во составот на постојниот Синдикат со назив „Докторски одбор Хипократ“, каде ќе бидат вклучени сите кои се за формирање на независниот лекарски синдикат.

    Освен платите, треба да се нивелираат и коефициентите.

    „Ако ги споредиме коефициентите што се, на пример, кај еден судија и кај еден доктор, заостануваме два до два и пол пати во однос на нивните плати. Прашуваме дали на оваа држава и требаат само судии кои ја вршат работата така како што ја вршат, или им требаат и лекари“, вели Беќаровски, кој смета – ако се нашле пари за судиите и функционерите, би требало да се најдат и за здравство. Во спротивно, сите „кои створиле некое име во државава, ќе прејдеме во приватното здравство“, категоричен е докторот.

    Од друга страна, незадоволни се и пензионерите. Откако министерката на својот ФБ профил ја објави веста за септемвриското усогласување на пензиите за некои шест проценти, реакците не стивнуваат. Неаздоволството прво се изразуваше со коментари на објавата, а веќе се организираа и протести.

    Прилепските пензионери излегоа на улица, пред нивното Здружение во центарот на градот, и порачаа „сакаме да живееме, не да преживуваме“. Се чувствуваат како граѓани од трет ред, бидејќи како што тврдат, во Прилепскиот регион има околу 14 илјади пензионери, а повеќе од половината се со ниски пензии под 15 илјади денари.

    „Ако ним им одговараше зголемување од 78 насто, ние барем 3.500 денари зголемување да добиеме, малку од малку да ги задоволиме потребите во домаќинствата. Незадоволството не е само во Прилеп, туку во цела Македонија. И ова ќе продолжи секој ден, се до удоволувањето на барањето“, категорични се прилепските пензионери.

    Велат, некои се со пензија од 10.500, 12.500 или 13 илјади денари, па прашуваат дали функционерите би можеле со тие пари да купат лекови, храна, да живеат.

    Реални се со согледувањата дека висината на пензијата зависи од тоа каде претходно работеле, па затоа инсистираат дека не е во ред со процентуалното зголемување некои да добиваат помалку, други многу, а трошоците за живот се исти. Во тој контекст и барањето сите да добијат по 3.500 денари. Тоа, нагласуваат, е многу поправедно, без оглед што и таа сума е мала. Зашто, според пресметките, со предвидените шест и кусур проценти пензионерите со ниски пензии ќе добијат некои 700 денари, а тие со високи – од две па до над четири илјади денари.

    Наспроти тоа, на сметките од „избраните“ легнуваат високи износи. Гаранција дека тоа ќе потрае, е подготовката на законот со кој ќе се уредат платите во јавнот сектор, односно сложеноста на изработката, па затоа нема да се донесе барем уште една година. Или, како што пред извесно време образложи министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, и „во развиените држави тие закони траат многу долго, гломазни се, бараат многу анализи и не е лесно да се направат“.

    Со оние, за мнозинството спорни 78 проценти, функционерите добија и повеќе од солидно зголемување на платите. Но, го загубија спокојот. Секако, доколку сиот предизвикан револт стигнува и допира до адресата на која што е упатен.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично