Приходите од патарини продолжуваат да растат. Во првите пет месеци од годинава, заклучно со јуни, на наплатните станици во земјава се собрани 1.919.775.277 денари, односно повеќе од 31 милион евра, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта.
Во споредба со истиот период лани, наплатени се 21.891.532 денари повеќе, што покажува зголемување на приходите од користењето на патната инфраструктура.
По фреквенцијата на возила, најмногу сообраќај се регистрира на наплатната станица Тетово, по која следуваат Петровец, Романовце, Глумово и Миладиновци. Потоа се Желино, Гостивар, Стоби, Кадрифаково, Преод, Сопот, Демир Капија, Отовица и Гевгелија.
Кога приходите се гледаат според собраните средства и цената на патарините, на прво место е Романовце, пред Миладиновци, Петровец, Глумово, Желино и Тетово.
Летниот период носи и дополнителен притисок врз наплатните станици. Од ЈПДП велат дека при зголемен обем на сообраќај се активира посебен распоред со кој се ставаат во функција сите расположливи ленти. Истовремено, се дава приоритет на електронската наплата преку М-Таг и М-Кард, со цел возилата да минуваат побрзо и со помалку задржување.
„Секогаш кога има зголемен обем на сообраќај на наплатните станици, а посебно во летна сезона, Одделението за наплата на патарина прави акционен план (распоред) кадешто на секоја наплатна станица на двата коридори се пуштаат во функција сите расположливи ленти, секако подеднакво се дава и приоритет на електронска наплата на патарина (ЕНП) на MTag каде најмалку една лента е секогаш во функција – тоа се возила кои поминуваат без да застанат, и на електронска наплата на патарина MCard-тоа се возила кои немаат контакт со вработен т.е. бесконтактно поминување“, велат од ЈПДП за МИА.
Електронската наплата во моментов учествува со 36 проценти во вкупниот промет на 11-те наплатни станици каде што е воведена. Од ЈПДП посочуваат дека продажбата и надополнувањето на електронските уреди се зголемени, а дополнителен раст се очекува откако од мај М-Таг уредите се достапни и во продажната мрежа на Македонски телеком и А1 Македонија.
Претходно, М-Таг уредите се продаваа само преку ЈПДП и на наплатната станица Петровец.
Во меѓувреме, се разгледува и можноста за промена на моделот на наплата. ЈПДП работи на студија за воведување затворен систем на Коридорот 8, по примерот на Србија, при што патарината би се пресметувала според изминатите километри.
За споредба, во текот на целата 2025 година, заклучно со 23 декември, од патарини биле собрани 4.158.914.362 денари или околу 67,6 милиони евра.
Аналитика








