Нерамномерна распределба на средства меѓу планските региони, слабости во спроведувањето на мерките за вработување, „фрлени“ пари за обуки, формална внатрешна контрола, противзаконски бодови за раководството… се дел од неправилностите кои датираат од 2023 година во работењето на Агенцијата за вработување. Детектирани од државните ревизори, кои укажуваат на потребата од подобрување на ефикасноста и водење сметка за ресурсите
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи, како и на усогласеноста на Агенција за вработување за 2023 година. И „изразено е мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики“.
Што се однесува до мерките за вработување – 14 кои биле предвидени со оперативниот план за 2023 година, за нивната реализација се исплатени 1.239.596 илјади денари или 20 милиони евра. За 13 отсто помалку во однос на 2022 година.
Најголемиот дел од тие пари бил одвоен за мерката поддршка и самовработување. Но, забележале ревизорите, воопшто не се водела сметка за критериумите, според кои, основен е рамномерниот регионален развој. Од осумте плански региони, според исплатените средства предничи Полошкиот, каде што биле предвидени 85.444.000 денари или близу 1,4 милиони евра, а исплатени 175.609.000 денари, односно 2,8 милиони евра.
Слична е состојбата и во Југозападниот регион – планирани 86.393.000 денари (1,4 милиони евра), дадени 115.481.000 денари (1,87 милиони евра). Исто и во Скопскиот – проектирани 46.769.000 денари (над 760 илјади евра) исплатени 103.678.000 денари (1,68 милиони евра). Наспроти тоа, многу помалку од предвидените средства се исплаќани во другите региони.
„Вообичаено, пониски се средствата кои се исплатени за планските региони од централниот и источниот дел на земјата, додека повисоки од утврдениот износ се средствата исплатени кај скопскиот плански регион и планските региони во западниот дел од земјата, при што во поедини случаи надминувањето е и четири пати поголемо од утврдениот вкупен износ со одлуката“, пишува во извештајот.
Воедно, се забележува дека внатрешните контроли за наменското и законско користење на средствата доделени за активните мерки за вработување не се ниту соодветни, ниту доволни: „најголем дел од записниците се однесуваат на формално извршени контроли со општи формулации без да се даде подетален опис на намената за која се искористени средствата, односно на опремата која е набавена со субвенционираните средства“
Освен тоа, за мерката обука за стекнување напредни ИТ вештини бил исплатен износ од 87.080.000 денари, односно 1,4 милиони евра, за 54 насто повеќе од 2022 година. Резултатот од тоа е минимален. „Ревизорите утврдиле дека бројот на кандидати кои успешно го положиле предвидениот испит по завршувањето на обуката е мал и заклучно со септември 2024 година изнесува 22%. Имајќи предвид дека за оваа активност се користат значителен износ на средства, утврдената состојба упатува дека мерката не го постигнала својот целосен ефект, бидејќи поголемиот дел од кандидатите не ја реализирале обуката успешно и не го завршиле испитот“.
Слабости и пропусти се детектирани и во начинот на реализација на постапката за јавна набавка за огрев (пелети), во износ од 2.100.000 денари (34 илјади евра). Утврдено е прифатена цена двапати повисока од „пазарните цени на пелетите во моментот на испораката“. Забелешки има и за постапката за набавка на информатичка опрема – персонални, преносни компјутери и печатачи, за кои е склучен договор од 20.587.000 денари (334.800 евра), реализиран целосно во 2024 година, „што има влијание на економично, ефективно и ефикасно користење на средствата и почитување на основните начела на Законот за јавни набавки“.
Исто така, се наведува дека согласно Колективниот договор на Агенцијта се предвидени и бодови за директорот и неговиот заменик, што е спротивно на одредбите на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. „Започнувајќи од јуни 2019 година предвидено е погоре наведената состојба да биде уредена со склучување на менаџерски договор меѓу именуваниот директор, заменик директор и Владата. До денот на ревизијата исплатата на платата на директорот и заменик директорот се врши без склучени менаџерски договори, што влијае на начинот на раководење и пресметка на платите“, велат ревизорите.
Во текот на 2023 година е забележано намалување на средствата исплатени како надомест за невработеност. Вкупно 1.305.639 илјади денари (21 милион евра). Или, за 102.071.000 денари (1,65 милиони евра) помалку од 2022 година.
„Кај исплатата на расходите по тој основ е утврдено дека кај дел од предметите кои биле опфатени со ревизијата, документацијата била некомплетна, односно се забележува отсуство на дел од бараната документација што се должи на неажурност во работењето кај дел од центрите за вработување, а дел од документацијата се обезбедува или се изготвува по истекот на законски утврдениот рок што се должи на невоспоставена електронска размена на податоци и поврзаност на евиденциите помеѓу Агенцијата и Фондот за ПИО“, нотирале ревизорите.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи, наведуваат ревизорите.