Ако за прекуграничните плаќања во евра се потребни до три дена, во догледно време тоа ќе биде можно и за само десет секунди. И тоа, за помалку пари и без скриени трошоци. Заштеда на време и средства се главните придобивки од приемот на државата во рамките на Единствената област за плаќање во евра – СЕПА. Географски простор кој опфаќа, сега и со Македонија 39 земји, на кој преку четири илјади учесници се извршуваат електронските плаќања, на брз и безбеден начин.
Бенефит ќе има за сите: за граѓаните, особено кога се работи за дознаките од странство, за компаниите, банките и за државата. Од Народната банка објаснуваат дека прекуграничните плаќања, доколку се работи за кредитни трансфери, ќе се извршуваат во текот истиот или најдоцна наредниот работен ден. А, за најмногу десет секунди ако трансферите се – инстант, во било кое време од денот, односно 24/7. Исто така, можни се и директни задолжувања, по принципот на трајните налози, погодни за повторливи плаќања на редовните обврски – од комунални сметки до отплата на кредити.
Акцент се става и на едноставноста, затоа што при иницирање на плаќањата треба да се внесат најосновните податоци, како број на сметка, износ и што се плаќа. Исто така, од Народната банка посочуваат дека трошоците се транспарентни, а износот што се праќа се пренесува во целост, што значи без и минимална задршка од банките-коресподенти.
Банкарските провизии сега се неколкукратно повисоки од оние што се практикуваат во рамките на СЕПА. Практиката и искуството на членките, велат од НБРСМ, покажуваат дека надоместоците што ги наплатуваат банките поевтинуваат. Причината за тоа е – помал број коресподентни банки – пониски трошоци за домашните банки.
И, конечно, овој начин на плаќања делува стимулативно врз трговијата и инвестициите, како предуслов за интеграција на единствениот европски пазар.
„Пристапот кон СЕПА е историски исчекор којшто им овозможува на нашите банки, и покрај тоа што не сме членки на ЕУ, да пристапат на европските платежни системи. Се очекува дека овој процес ќе донесе повеќе придобивки за целокупната економија, коишто сигурно ќе бидат највидливи во однос на заштедата на средства и време при вршењето плаќања кон земјите од ЕУ. Ако се земе предвид дека во моментов, трошоците за плаќањата од ЕУ кон земјите од Западен Балкан се повисоки за 12 пати во однос на трошоците за плаќање помеѓу земјите од ЕУ, СЕПА би требало да доведе до поефикасни, исплатливи и побрзи прекугранични плаќања“, нагласи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Според премиерот Христијан Мицкоски, членството во СЕПА на граѓаните ќе им заштеда помеѓу 50 и 60 милиони евра годишно. А, пресметката е врз податокот дека како девизни дознаки во земјава на годишно ниво се слеваат над една милијарда евра. Односно, за парите што ги испраќа дијаспората на своите семејства во земјава, ќе нема дополнителни трошоци.
Пристапувањето кон СЕПА го одработија тимовите на Народната банка, а во таа насока, меѓу другото, беше донесен Законот за платежни услуги и платни системи, а се овозможи и споредливост на банкарските провизии. Или, под раководство на НБРСМ, домашниот платен систем и регулативата се усогласија со стандардите на Унијата. Работата тука не завршува. Во претстојните месеци домашните банки треба да се интегрираат кон платежните шеми на СЕПА. Тоа претпоставува дека ќе се прилагодат и целосно ќе ги прифатат правилата и стандардите за извршување на плаќањата. Тој процес ќе го координира и следи централната банка. Како датум за старт е определен 6 октомври. Тогаш македонските, заедно со црногорските и со албанските банки ќе направат влез во шемите на СЕПА. Црна Гора е првата земја од Балканот која пристапи кон СЕПА, пред крајот на минатата година.
М.А.
(Фото: Novalnet)