ПОВЕЌЕ

    „ПАРИ“ АНАЛИЗА: Македонија во канџите на енергетската зависност

    Време зa читање: 4 минути

    Во однос на сите енергенти измерената енергетска зависност на државата во 2000-та година била 39,9%, во 2010 година изнесувала 44,1%, а во 2020 – 63,7%! Овие бројки кои покажуваат како државата се повеќе е во канџите на енергетската зависност ги открива Државниот завод за статистика. Со оглед на тоа дека гас и нафтени деривати никогаш и не сме имале, јасно е дека енергетската зависност се темели на увозот на електричната енергија како енергент, како и на јагленот кој се користи за нејзиното производство.

    Вкупна енергетска зависност:

    ГодинаОднос помеѓу нето-увоз* и потребните
    200039.9%
    201044,1%
    202063,7%

    1Нето-увозот претставува разлика помеѓу увозот и извозот на енергентите во и од земјата.

    Цените на берзите на електричната енергија коишто достигнаа и над 200 евра за мегават-час, што е за повеќе од 3 пати од ланските, уште еднаш покажаа што значи да се има сопствено производство на струја. За жал, податоците покажуваат значително намалување на домашното производство на струја, и тоа особено на државното производство.

    Според Регулаторната комисија за енергетика, домашното производство на електрична енергија во 2010 година било 6.744 GWh, а во 2020 година изнесувало 5.127 GWh, или  24 %  помалку. Притоа, најголемо влијание врз ова намалување има производството на АД ЕСМ Скопје, коешто во 2010 година изнесувало 6.476 GWh, додека во 2020 година изнесува 3.643 GWh, или 44 % помалку.

    Домашно производство на струја:

    Производител2010 година2020 година
    Сите домашни капацитети6.744 GWh5,127 GWh
    Само државни капацитети6.476 GWh3,643 GWh

    Овие податоци откриваат еден нов поглед кон домашното производство на струја, односно дека производството на струја се повеќе оди во рацете на приватниците. Најголем приватен производител на струја е ТЕ-ТО со среден годишен капацитет на постројката од 220 MW за производство на електрична енергија. ТЕ-ТО доби лиценца за производство на електрична и топлинска енергија во 2012 година.

    Регулаторната комисија за енергетика анализирајќи го производството на струја од државните капацитети, како преломна година ја нотира 2014 година.

    „АД ЕСМ Скопје, почнувајќи од 2014 година, произведува електрична енергија под 5.000 GWh годишно. Има намалување на производството на електрична енергија и кај хидроелектроцентралите и кај термоелектроцентралите. Производството на електрична енергија кај хидроелектроцентралите најмногу зависи од хидролошките услови и во разгледуваниот единаесетгодишен период варира од максималните 2.185 GWh во 2010 година, па сè до минималните 816 GWh во 2017 година. Меѓутоа, во последните 11 години, никогаш не е достигнато производството на електрична енергија од 2010 година, иако во 2012 година започнува со работа и хидроелектроцентралата „Света Петка“, пишува во Извештајот на регулаторната комисија за енергетика.

    Анализата на податоците за термоелектроцентралите покажува дека нивното просечното производството од 2002 до 2006 година изнесува 4.866 GWh, за периодот од 2007 до 2010 година изнесува 4.636 GWh, за периодот од 2011 до 2014 година изнесува 4.125 GWh, за периодот од 2015 до 2018 година изнесува 2.946 GWh и за периодот од 2019 до 2020 година изнесува 2.902 GWh.

    „Причините за трендот на намалување на производството во термоелектроцентралите се многубројните дефекти и прекини во работата на РЕК Битола, намалување на ископаните количества и на квалитетот на јагленот во РЕК Битола, приближување кон крајот на животниот век на термоелектроцентралите и несоодветните инвестиции, намалување на ефикасноста во работењето и друго. Во 2020 година АД ЕСМ се соочи и со поплава во рудниците во РЕК Битола, којашто доведе до подолготраен прекин на производството. Термоелектроцентралата „Осломеј“ во последните 3 години има многу мало производство на електрична енергија, пред сè поради тоа што целокупните резерви на јаглен во РЕК „Осломеј“ се веќе искористени. Производството на електрична енергија во АД ЕСМ, во 2020 година, е речиси преполовено во однос на 2011 година, односно изнесува само 52 %“, заблежува Регулаторна комисија во извештајот.

    Производството на електрична енергија во 2020 година:

    Производител на струјаУчество во вкупно производство
    Термоцентрали48,96%
    Хидроцентрали25,10%
    Комбинирано производство -струја и топлина21,83%
    Останати алтернативни производители4,11%

    Пред 15-тина години учеството на РЕК „Битола“ беше околу 75% во вкупното домашно производство на струја. Но, оваа структура веќе се загуби, а во Енергетската стратегија за периодот 2020-2040 година, јасно се гледа дека Македонија снемува јаглен за овој енергетски капацитет, кој и од технички аспект веќе е доста амортизиран.

    „На среден рок ресурсите на јаглен за ТЕЦ Битола се ближат до исцрпување. Рудниците Суводол и Брод Гнеотино се користат за снабдување на ТЕЦ Битола. Површинскиот рудник Суводол се приближува до исцрпување, а новата Подинска јагленова серија (ПЈС) од понизок слој се проценува дека има преостанат производен капацитет од приближно 16 години, а Брод-Гнеотино приближно 11,5 години. Со оглед на проектиранта просечната годишна потрошувачка на јаглен на ТЕЦ Битола од  приближно 5 милиони тони, се проценува дека преостанатите резерви во областа се доволни за уште приближно 15,4 години“, пишува во Стратегијата.

    Редакција Пари

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично