Анализа: Потребни ли се околу 4.500 професори за околу 7.500 дипломирани студенти?
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на наставниците и соработниците во високообразовните установи во академската 2023/2024 година изнесува 4.656. Десет години претходно, во учебната 2013/2014 година изнесувал 3.354. Или, за една деценија професорскиот кадар е зголемен за 1.302.
Но, наспроти растот кај професорите, се намалува бројот на запишаните и бројот на завршените студенти. Статистиката последни податоци има за академската 2022/2023 година, кога се запишале вкупно 53.821 студент (прв циклус на студии). Десет години претходно биле запишани 56.906 студенти. Што значи дека за период од една деценија бројот на запишаните студенти се намалил за 3.085.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, добиени од пристигнатите извештаи, во 2022 година дипломирале 7.483 студенти на додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите. Во 2012 дипломирале 10.392 студенти, што е за 2.909 повеќе отколу по 10 години.
Сепак, за да бидеме прецизни, порталот „Пари“ направи споредба на академската 2022/2023 со 2012/2013 (кога за сите параметри имаме податок). Податоците покажуваат дека бројот на професори е зголемен за 1.066, бројот на запишани студенти е намален за 3.085, а бројот на дипломирани студенти е намален за 2.909.
Десетгодишен раст на наставен кадар и намалување на запишани и дипломирани студенти
Како што може да се види од податоците, во оваа, а во однос на минатата академска година бројот на наставниот кадар на факултетите е зголемен за 160. Но, минатата во споредба со претходната академска година (2021/2022) бројот на професорите е намален за 60. Генерално, минатата деценија имаме нагорна линија во однос на професорскиот кадар, со извесни осцилации во академската 2020/2021, но со постојан раст на бројот на професорите од 2013/2014 година. Сепак, да потсетиме и дека во времето на Никола Груевски се отворија два нови државни универзитети и над 20 државни факултети.
Во јули 2017 година се донесе одлука за укинување на дисперзираните студии на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје и делумно редуцирање на овие студии на другите универзитети.
„Донесувањето одлука за укинување на дисперзираните студии е резултат на укажувањата кои стигнаа до нас од страна на Универзитетот за непостоењето на интерес од страна на студентите за овие студии во изминатите неколку години. Постојат јасни согледувања за неможноста да се обезбеди ист квалитет на студии надвор од матичните факултети“, соопштија од Министерството за образование и наука.
Но, во пракса – се задржа, па дури и се зголеми бројот на наставниот кадар, а бројот на студентите се намали.
Читајте и: ЗА ЕДНА ДЕЦЕНИЈА СЕКОЈА ЧЕТВРТА КЛУПА ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ОСТАНАЛА ПРАЗНА – Анализа: Има ли деца да ги пополнат училишните клупи?
Редакција Пари