ПОВЕЌЕ

    Од УЈП бараат повисоки плати, Бесими е против „поединечни решенија“ иако понекогаш ги применува

    Време зa читање: 3 минути

    Некаде во јануари министерот ги зголеми платите на своите вработени за триесеттина проценти и се правдаше дека бил принуден на тоа за да го спречи одливот на кадар од Финансии, а тоа се памети и го поттикнува револтот

    Плати повисоки за 30 насто или генерален штрајк е ставот на вработените во Управата за јавни приходи. Незадоволството произлегува од фактот дека во подолг временски период од дури 14 години, месечните примања биле коригирани за минимални пет проценти. Уште повеќе, последниве четири години нема никакво поместување, а инфлацијата го прави своето. Наспроти сето тоа, посочуваат од синдикалната организација при УЈП, министерот за финансии не прифаќа да го потпише новиот Колективен договор со кој се овозможува зголемување на платите, па затоа и протестираа пред ресорното Министерство.

    Од Управата не го оспоруваат правото на вработените своите ставови да ги манифестираат со прекин на работата, преку протест или штрајк.

    Од таму посочуваат дека во изминатиот период имало низа состаноци со Министерството за финансии, при што биле предочени и разгледани барањата кои се повод за протестот.

    „Во оваа насока, јасно беа отворени точките кои ги засегаат вработените, додека се очекува предлог решение од ресорното Министерство“, се вели во соопштението од УЈП, а воедно се наведува дека заедно со Синдикатот се работело на новиот текст од Колективниот договор со содржина која била прифатена од сите.

    Од Министерството за финансии, пак, го повторуваат ставот дека Владата се залага за зголемување на сите плати во државата, со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните.

    „Во однос на барањето на дел од даночните работници за раст на платите, истакнуваме дека Владата се залага за систем за раст на платите во целиот јавен сектор. Преку Економско социјалниот совет, заедно со социјалните партнери, веќе се работи на утврдување на систем за плати на сите вработени во јавниот сектор. Во подготовка е нов Закон за плати на вработените во јавниот сектор и нов Општ колективен договор за јавниот сектор, кој во иднина ќе овозможи континуиран раст на платите“, посочуваат во соопштението.

    И одново додаваат дека во актуелните услови „секое поединечно решение, пред финализирање на овие два акта, ќе биде нарушување на воспоставувањето на таквиот систем и постигнување на крајната цел“. Секако, владината цел е да се востанови „воедначено, системско решение кое ќе биде фискално одржливо на долг рок и кое соодветно ќе го валоризира трудот на работниците“.

    Од Министерството се против „поединечни решенија“, но и самите ги применуваат. Не така одамна, некаде во јануари, министерот Фатмир Бесими ги зголеми платите на своите вработени за триесеттина проценти. Според оправдувањето што тогаш го даде, потегот го направил под принуда, за да го спречи одливот на кадар од Финансии, односно Министерството да не се испразни. Платите биле пониски од оние во другите органи кои се во негов состав, па многумина поднеле оставки и бројот на вработените од 700 спаднал на 400.

    Ова се памети и го зголемува револтот. Ако се оди на системско решение, тогаш не смее да има ни отстапки. Односно, аршинот треба да е ист за сите.

    И, додека во случајот со УЈП од ресорното Министерство очекуваат дека „преговорите во ЕСС ќе продолжат и наскоро заеднички ќе се дојде до одржливо решение прифатливо за сите страни“, од синдикалната организација „Солидарност“ ја најавуваат можноста за генерален штрајк. Функционирањето на Управата ќе биде блокирано, и предупредуваат, тоа ќе значи колапс за целата држава.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично