ПОВЕЌЕ

    ОБРАЗОВНИОТ СЕКТОР ПРЕДОДРЕДЕН ЗА ЖЕНИ, ГРАДЕЖНИШТВОТО ЗА МАЖИ: Стереотипи кои се причина за послаби економски перформанси

    Време зa читање: 4 минути

    Жените се во инфериорна положба на пазарот на труд, ширум светот. Тие се помалку активни, имаат тенденција да работат на ниско платени и неквалитетни работни места, а наоѓањето работа им е потешко во споредба со мажите.

    Од Инситутот за економско истражување и политики „Фајненс тинк“ велат дека причината зад овие родови нееднаквости останува загатка во економската теорија и често се објаснува преку сегрегацијата на жените и мажите во значително различни занимања.

    „Професионалната родова сегрегација е распространета во нашата земја. Одредени занимања, како воспитувачи, негуватели и градежни работници, често се стереотипно поврзани со жени или мажи. Овие родови претпоставки ги наведуваат работодавците да исклучат големи сегменти на потенцијални вработени, што резултира со тоа жените да работат под нивото на нивните вештини и да ги ограничуваат нивните кариерни можности. Дополнително, личните избори, застарените очекувања за женските улоги и традиционалните дизајни на работни места ги туркаат жените на одредени занимања, дополнително зацврстувајќи ја сегрегацијата“, објаснуваат од „Фајненс тинк“ Оттаму велат дека решавањето на ова прашање може да ја подобри националната економска вредност со искористување на целосниот фонд на таленти и обезбедување еднакви можности за сите. Тоа бара вклучување на сите клучни чинители, обезбедување точни информации и овозможувачка средина за еднаков пристап до можности.

    Според истражувањето на институтот над 100 илјади лица се евидентирани како активни баратели на работа во АВРСМ, со речиси еднаква родова застапеност. Повеќе од две третини се со основно образование и без одредено занимање, од кои мнозинството (55,2%) се жени. Меѓу другите кои имаат специфично занимање, има и родови разлики, оттаму се доловува дека жените преовладуваат само во две занимања: стручњаци и службеници, додека во преостанатите шест занимања доминираат мажи, иако нема значителни разлики меѓу работниците во услужни дејности и продажба и работници со елементарни занимања. Понудата на стручни работници во земјоделството, шумарството и рибарството е многу мала (50 жени и 93 мажи) и не може да се означи како занимање во кое доминираат мажи. Истото важи и за службениците.

    „ Меѓу стручњаците од областа на науката, инженерството и ИТ, мажите доминираат над жените. Во преостанатите поткатегории има значителна женска доминација, најмногу изразена кај стручните лица во настава. Овде, најголемата разлика ја прават жените – стручњаци во предучилишно образование, наставници во основните училишта и професори по јазик“, истакнуваат од „Фајненс тинк“.

    Од истражувањето се забележува дека родова сегрегација постои и кај занимањата со средни и ниски вештини. Општо земено, овие занимања се доминантни од мажи, главно поради значително поголемиот број мажи регистрирани во занимањето – занаетчиски и сродни трговски работници.

    „ Анализата на вештините потребни на македонскиот пазар на труд открива дека половина од расположливите работни места спаѓаат во елементарни занимања и занаетчиски и сродни трговски работници, во кои доминираат мажи. Навидум, потребата од стручњаци, група во која доминираат жени, е исто така меѓу првите пет. Сепак, тоа е првенствено насочено кон науката, инженерството, информатиката и комуникациите, области каде што мажите исто така доминираат. Другата група на занимања каде доминираат жените пак, – ‘Службеници’, се соочува со професионални дефицити, бидејќи понудата на работна сила е помала од побарувачката“, појаснуваат од Инситутот.

    Според „Фајненс тинк“, професионалниот јаз, проценет како сооднос помеѓу понудата и побарувачката на работна сила, е драматично висок кај стручњаците за образование и правните, социјалните и културните стручњаци, што сугерира дека за секое слободно работно место во овие занимања има 28 и 18 потенцијални работнички, а 17 и 6 машки работници, соодветно. Понудата на работнички е неколку пати. поголема од побарувачката, како и од понудата на машки работници, особено кај занаетчиските и печатарските работници, како и кај здравствените работници.

    „Бизнисот мора да ги адресира клучните предизвици за еднаквост на работното место: фер пристап до пазарот на труд, пофлексибилен и поинклузивен пазар на труд и еднакви плати и можности за унапредување. Нефлексибилните работни места се главна бариера за многумина. Нудењето флексибилно работење не само што ги привлекува и задржува врвните таленти, туку и им овозможува на бизнисите да го приспособат работното време на нивните потреби, наместо да се придржуваат до традиционалните распореди. Правото на барање флексибилно работење треба да се прошири на сите вработени, промовирајќи го како стандардна деловна практика наместо посебен третман. Бизнисите, исто така, мора да ја елиминираат дискриминацијата на работното место и да ги оспорат застарените ставови и практики што ги спречуваат поединците да влезат или да напредуваат на пазарот на труд“, укажуваат од „Фајненс тинк“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично