ПОВЕЌЕ

    Нови рокови и трошоци -Колку блокадата на Суецкиот канал ја чини Македонија?

    Време зa читање: 4 минути

    Суецкиот канал повторно е прооден, а деновиве помина и последниот брод што чекаше за влез поради блокдата што се случи од насукувањето на бродот Ever given. Откако оваа транспортна рута повторно стана пловна, компаниите чии бродови шест дена чекаа да поминат низ каналот за да се снабдат со суровините што ги носат од Азија за Европа се уште ги прават пресметки за направената штета од застојот.

    Египет кој управува со каналот веќе најави дека ќе бара милијарда евра отштета поради загубите направени од застојот како даноци од транзит, оштетување на водниот пат и трошоците за отстранување на заглавениот брод. Но од кого ќе бара, не се знае.

    Двете компании од Македонија што организираат бродски транспорт Cosco и MSC велат дека сепак времето не било толку долго за да се очекуваат сериозни импликации врз набавката и трошоците на компаниите, но пореметување на ланецот на снабдување дефинитивно ќе се одрази на продолжени рокови и повисоки трошоци.

    -За бродски контејнерски транспорт Македонија ги користи Солунското пристаниште за увоз 70 проценти и за извоз речиси 100 отсто, како и Драч каде се остварува 30 проценти увоз и незначителен извоз. Последиците се идентични за која и да е земја глобално, а тоа се:продолжени рокови на испорака за пратките во наредните два месеци, покачени трошоци на превоз како последица на пореметување на ланецот на снабдување со контејнери и бродови, велат од MSC.

    Иако во случај на блокада на каналот како алтернативна рута се користи заобиколување на цела Африка, сите бродови останаа да чекаат кај Суецкиот канал бидејќи пловењето по втората рута трае минимум 10 дена плус носи повисоки трошоци.

    Од Cosco чии бродови го користат и пристаништето кај Атина, Пиреа, исто така не очекуваат посериозни импликации бидејќи блокадата траеше кратко.

    -Како Cosco застапници на светскиот лидер во шипинг на кинеската корпорација China Cosco Shipping Corporation имавме околу десетина бродови кои чекаа. Оваа транспортна рута најмногу е користена за транспорт на суровини од Азија кон Европа, а особено од нафтените компании, истакнуваат од компанијата.

    367 бродови – вклучувајќи 35 танкери за сурова нафта и 96 бродови со контејнери – чекаа да го преминат каналот.

    Од рафинеријата Окта која домашниот пазар го снабдува со нафтени деривати велат дека имало нарушување во снабдувањето, но сега тоа е надминато.

    Имајќи предвид дека транспортот по Суецкиот Канал е повторно воспоставен, не очекуваме какви било понатамошни нарушувања во снабдувањето со горива, кусо одговорија од нафтената компанија.

    Во просек, скоро 50 пловни објекти дневно поминуваат долж каналот, иако на моменти бројот може да биде многу поголем – сочинува околу 12% од светската трговија. Тоа е особено важно како авенија за нафта и течен природен гас, овозможувајќи им на пратките да стигнат од Блискиот исток во Европа.

    Дури и пред „Евер гивен“ да се насука, синџирите на снабдување се протегаа до границата, што автоматски значеше дека превозот на стоки е поскап, а цените скокнаа особено ако има недостиг. Апсолутно сè беше во неволја: од опрема за вежбање до сирење.

    Колку чини сето тоа?

    Повеќе од 80% од светската трговија, по обем, се одвива преку морето, а овие нарушувања додаваат милијарди долари на цената на синџирот на снабдување. На глобално ниво, просечната цена на испорака за контејнер со ваква големина се зголеми од 1.040 американски долари минатиот јуни на 4570 американски долари на 1 март, според S&P Global Platts.

    Трошоците за меѓународен транспорт скокнале за 300 до 400 проценти во последната година, поради нерамномерниот транспорт на контејнери меѓу Европа и Кина. Од друга страна, зголемен е транспортот меѓу САД и Кина.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично