ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | НИКОЛА ПОПОВСКИ: Македонија „плодно тло“ за дебели профити на странските фирми, каде се домашните?

    Време зa читање: 7 минути

    „Потребно е сите, но буквално сите инвеститори, големи и мали, извозни или ориентирани кон домашни клиенти, производни или услужни да имаат ист статус во економијата, односно рамноправен пристап до државната логистика“ – вели универзитетскиот професор Никола Поповски, кој е и еден од поранешните министри за финансии. Поповски зборува за позицијата на странските инвеститори и за тоа какви економски политики треба да се водат за стимулирање на странските, но и на домашните фирми.

    Преку државен “интревенционализам“ – странските фирми генерираат дебели профити…

    Пари: Од листата Топ 10 најуспешни компании според профитот, што ја прави „Таргет Груп“, пет се странски фирми, главно оние кои работат во слободните економски зони или користат државни бенефиции. Се чини дека Македонија се покажа како добро тло за странските иневститори. Колку джавната логистика и бенефиции помогнаа во оваа инвестициска „приказна“ ?

    Поповски: Со оглед дека помина подолго време од присуството на странските инвеститори во Македонија, се чини дека Вие сте во право кога велите дека се покажавме „како добро тло“ за нив. Но поразително е што во тоа не се обезбеди обострана корист. Странските инвестиции, иако има доволно исклучоци, во најголем број се влезени во монополски или олигополски пазарни структури каде што е природно екстра добивките да се многу високи или пак се во сектори што се трудоинтензивни и ја користат многу ефтината работна сила на македонските работници за која дополнително се ослободени од скоро секакви давачки. Во другите случаи се работи за доделување на некритично висока и долгорочна државна помош која им го олеснува работењето и зголемува доходовноста. Примери за тоа се бесплатните природни ресурси (ниски концесии, бесплатно градежно земјиште), ослободувањата од разни даноци и други давачки, давање на многу поволности што ги немаат другите инвеститори и што е најлошо, директното буџетско субвенционирање со тајни клаузули за што тие се фалат насекаде во светот. Оттука, добивките им се природно високи.

    Пари: Дел од странските компании ќе излезат од зоната на десетгодишен „комфор“, односно за нив ќе престанат да важат одредени бефениции. Што може да се очекува – дали ќе останат да работат во Македонија?

    Поповски: Тоа не можам да го претпоставам, но сигурен сум дека ќе бараат повторно исти или слични услови и ќе се закануваат дека ќе го преселат производството во трети земји. Да се надеваме дека некои од нив ќе продолжат со работа, но во тој случај добивките значително ќе им се намалат. Некои од нив можеби ќе воведат уште подрстична непринципиелна пракса на високи или ниски трансферни цени во своите глобални производни вериги, зависно од потребите за да ги зголемат добивките. Во едно сум убеден – ќе бидат безмилосни во пристапот за да ги остварат целите.

    Пари: Во изминатите години често се коментираше дека странските фирми се фаворизираат, како значајни за економијата, додека за домашните компании важеа други правила. Дали е потребна промена во политиките, или можеби веќе има промена ?

    Поповски: Одредени промени се направија но тие ништо не гарантираат бидејќи во Македонија после секои избори новите влади спроведуваат сосема нови политики. Тоа може повторно да се случува. Промените што ги направи сегашната влада се дека привилегиите не ги одзеде туку ги прошири и врз домашните инвеститори, понекогаш дури и кон селективни домашни инвеститори. Тоа, во краен случај, е истата економска филозофија. Потребно е сите, но буквално сите инвеститори, големи и мали, извозни или ориентирани кон домашни клиенти, производни или услужни и т.н. да имаат ист статус во економијата а пазарот да алоцира. Сега има случаи на претерана државна алокација.

    Пари: Компаративно – кај странските компании најголем профит од 78,61 милиони евра остварила фирмата Џонсон Мети, наспроти неа, кај домашните приватни фирми, најголем профит генерирала  Алкалоид со добивка во 2019 година од 16,4 милиони евра. Голема разлика во годишните добивки на домашните и на странските фирми?!

    Поповски:  Да, но тоа се само податоци од друштвата од материјалното производство, односно индустријата. Странските инвеститори се и во услужните сектори каде има и други добивки. На пример ние имаме две странски банки во Македонија што остварија добивка по оданочување од 30 и 40 милиони евра во 2019 година.

    Пари: Дел од домашните компании имаат пласман и надовор – извозно ориентирани, но тоа се мал број на фирми. Зошто е тешко да се создаде македонски интренационален бренд?

    Поповски: Затоа што во светот на глобалната економија владеат големите ТНК ( транснационални корпорации) со своите глобални производни и вредносни вериги во кои е многу тешко да се вклучите, а глобалните потрошувачи, како впрочем и ние во Македонија, имаат поголема доверба во нивните производи и услуги. Развивањето поглобално или регионално ориентиран сопствен извозен бренд од економија како македонската е практично невозможно. Затоа во сегашно време вклучувањето во вредносните вериги на глобалните фирми е најсигурен начин на извозна присутност. Секако дека и финален домашен производ е моќно присуство на странските пазари, но за тоа немаме доволно волуменски капацитет и дури и она ретко присуство што го имаме, најчесто во непосредното опкружување или на европскиот континент треба внимателно да го негуваме и развиваме.

    Пари: Колку странските компании со целиот ангажман – увоз, извоз, технологија, број на вработени – помогнаа во економскиот раст?

    Поповски: Немам точни податоци за тоа, но имаат соодветно влијание и помагаат бидејќи растот е макроекономска пресметковна категорија во која најважна улога има новосоздадената вредност, најчесто и најмногу – платите на вработените и добивките на сопствениците, секако заедно со директните даноци што се плаќаат од нив на државата. Како работодавачи и како сопственици тие имаат важна улога во економскиот раст на Македонија.

    Пари: Државните фирми, акционерски друштва или јавни претпријатија, се на дното на листата успешни компании според профитите, освен ЈП за Државни патиштата кои прикажале лани дбивка од скоро 46 милиони евра. Од друга страна државните фирми се појавуваат на листата како едни од најголеми работодавачи – како се коментира оваа состојба?

    Поповски: Тоа е нормално бидејќи ЈП и АД во државна сопственост не се формираат со цел да остварат добивка туку за да го овозможат снабдувањето на производителите или потрошувачите со добра што по пазарни принципи би било неефикасно или дури и невозможно. Затоа нивната работа е предмет на регулирање а и цените на нивните финални производи (стоки или услуги) се предмет на државна регулација што не се грижи за нивната висока доходовност туку за задоволување на потребите и за развојот на дејноста. Оттука добивката кај нив не е ниту добар ниту единствен показател за оценување на нивната работа.

    Пари: Имаме ли јасна политика кога зборуваме за државна помош на приватниот сектор – дали ги знаеме приоритетите, дали се таргетирани секторите?

    Поповски: Одговорот е краток и едноставен. Не, ние тоа го немаме. Таа политика и нејзините приоритети веќе долги години се зависни од арбитрерноста на државата и конкретните владеачки структури, од коруптивната моќ на приватниот сектор на кој тоа му е потребно и од корумпираноста и незнаењето на носителите на економските политики. Веќе 15 години станува збор за една од најслабите алки во економската политика на земјава. Дополнителен проблем е што и кога нема ништо од горните „критериуми“ тогаш таквата политика најчесто е ориентирана кон додворување за идно добивање на изборни гласови. Инаку, во праксата, нашата државна помош одамна е најмногу насочена кон најнепродуктивниот примарен сектор во економијата.

    Изработил : Анета Додевска

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично