Ограничувањето на маржите и интервенциите кај данокот на додадена вредност не даваат резултати, зашто фирмите и трговците пронаоѓаат начин како да ги пресретнат. Во практиката, како мерка што реално ја чувствуваат потрошувачите, е замрзнувањето на цените. На подолг рок. Тоа, во комбинација со зголемување на платите ќе биде од полза на граѓаните, смета економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
„Ништо од ова нама да помогне. Ограничувањето на маржите не дава резултати, тоа го видовме многупати досега – тешко се спроведува, тешко се контролира, фирмите наоѓаат начини да го заобиколат. Намалувањето на ДДВ исто така нема да има ефект – само ќе им ги зголеми профитите на фирмите, бидејќи тие нема да ги намалат цените“, изјави Јовановиќ за Пари.
Дециден е дека во овие услови на поскапувања, најдоброто решение е ставањето на цените под целосна контрола, односно воведување и спроведување на мерката – замрзнување на цените.
„Единствена мерка која може да спречи раст на цени е замрзнувањето. Тоа се покажа неколку пати во изминатите три години. Тоа лесно се спроведува, не морате да гледате фактури и да пресметувате маржи. Само гледате дали цената е како што е пропишано. И, мора да биде на сила подолго време, не само месец-два“, нагласува економскиот експерт.
Сепак, додава, од големо значење е и растот на платите.
„Уште поважно во моментов е да се покачат платите. Владата тоа може да го направи ако ги покачи минималната плата и платите во јавниот сектор, што понатаму ќе направи сите плати да пораснат. Ако цените паднат за еден процент, тоа на едно просечно семејство ќе му даде околу 600 денари повеќе за еден месец (ако кошничката е 60.000 денари). Но, ако минималната плата се покачи од 23.000 на 30.000, тоа на едно семејство со двајца вработени на минималец ќе му даде 14.000 денари повеќе за еден месец“, се пресметките на Јовановиќ.
Секој кажува што мисли и што му одговара, а ние граѓаните плаќаме. Цените пак отидоа угоре, поскапи за по неколку денари се млекото, јогуртот, маслото за јадење, јајцата…, реагираат потрошувачите во очекување да се пронајде било каква солуција, со која ќе им се застане на патот на поскапувањата. Решението треба да произлезе на денешната владина седница.
Најверојатно, ќе биде потврдена минатонеделната најава за ограничување на маржите со опфат на сто вида производи, без оглед што јавноста доби впечаток дека Владата се повлече пред барањата на новоформираната Стопанска комора на трговците, проследени со предупредувања за отпуштање вработени и затворање маркети. Како што од свои извори дознава Алсат, предлозите за намалени маржи и намалени цени на сто до 200 производи нема да бидат прифатени. Исто како и мерките што ги предлага опозицијата, од кои две се однесуваат за намалување, односно укинување на ДДВ за струјат и храната.
Со трипроцентна маржа да се шеќерот, маслото за јадење, брашното, млекото, пилешкото месо, е предлогот на Комората на трговци, од каде што е доставен списокот за тоа како тие го замислуваат поевтинувањето на цените. За нив е прифатливо маржи од 10 до 15 проценти да се пресметуваат на лебот, тестенините, оризот, солта, кафето, оцетот, квасецот, рускиот чај, урдата, одделни видови сирење, кашкавал, јајца, за ајварот, видови зеленчук, овошје, за пиво, бело и црвено вино, за прашок за перење, забните пасти, тоалетна хартија… Би биле опфатени од 100 до најмногу 200 производи, а таа поволност потрошувачите би можеле да ја користат од 22 март до 22 април. Еден месец во кој се покриваат и рамазанските и велигденските празници.
Поддршка на овој пристап дава професорот Трајко Славески, во својата колумната објавена на Плусинфо:
„Би сакал сосема накусо да објаснам зошто предлогот на маркетите до Владата – наместо да им се ограничат маржите на сите производи линеарно за 10%, да се разговара за листа на основни прехранбени производи за кои маржите би паднале дури и на 3% – е вистинската насока за излез од хистеријата, во голема мера подгреана од медиумите, во која се препелкаме цели две, ако не и повеќе години.
Ова не би било „мерка“ или договор со ограничено траење од еден месец, како што се предлага, туку тенденција од подолгорочен карактер во насока на стабилизација на пазарот и соборување на инфлацијата“, пишува професорот.
А, што се однесува до предлогот на опозицијата за корекции на ДДВ за струја и за храна, тоа е неразумна мерка, според даночниот експерт Славко Лазовски, кој тврди – даноците го одржуваат стандардот.
„Намалувањето на ДДВ што го предлага СДСМ е неразумна мерка. Нема никаква фискална логика и оправданост, па затоа не е ниту економска мерка. Стандардот на граѓаните се одржува со даноноци, но не со нивно намалување. Само со нивно зголемување се постигнува и раст и развој и повисок стандард“, вели Лазовски, кој како пример ја посочува Данска – држава со најсреќени граѓани и со највисок ДДВ од 25 проценти.
Како што вели даночниот експерт, иако е потрошувачки данок, ДДВ сепак, како и сите даноци си ги остварува целите. „Се разбира, даноците на доход тоа и побрзо и поефектно го остваруваат. Но, ајде нив да ги зголемиме! Видовме каков е отпорот кон солидарниот данок. Решението е во зголемување на даноците на доход и на имот. Институциите да проработат, да се оствари успех во борбата против корупцијата, да се намалат привилегиите, да се намали сивата економија…“, нагласува Лазовски.
М.А.