Новата регулатива, која е меѓу најстрогите во регионот, воведе ред во работењето на небанкарските финансиски друштва. Измамите со злоупотреба на личните податоци се сведени на минимум. При одобрувањето заеми нема скриени трошоци или ситни тешко читливи букви во договорот. Не се брзи кредитите, туку технологијата, тврдат од Групацијата на небанкарски финансиски друштва во Стопанската комора на Северна Македонија.
Каматите се движат од нула до 36 проценти. Aко се земе брз кредит од десет илјади денари, со сите пресметани трошоци и камати, со доцнење на ратите, ќе треба да се вратат 20 илјади денари, вели претседателот на Групацијата, Никола Јошевски.
А, потпретедателката на Групацијата, Биљана Мишиќ, тврди дека кога за некој кредит се кажува дека каматата е нула, тогаш тоа навистина е така.
„Склучуваме договор со трговците. На пример, купувате телевизор од десет илјади денари. Ние овозможуваме ликвидност, така му овозможуваме на трговецот да го продаде производот, парите веднаш му ги префрламе, затоа нему му наплаќаме, а купувачот на телевизорот не плаќа камата и го отплатува на четири еднакви рати“, објаснува Мишиќ.
Во прилог на средувањето на состојбите на ова поле, се посочува дека бројот на овие друштва се намалил од 35 на 27. Од кои 20 се членки на Групацијата. До осипувањето кај друштвата, но и врз работењето на тие што опстанале, дошло со стапувањето во сила на измените во Законот за финансиски друштва, во 2023 година.
Од тогашните 100 илјади, оснивачкиот влог е зголемен на 500 илјади евра. Притоа, секое друштво меѓу вработените мора да има економист и правник. Зголемена е заштитата на граѓаните, построги се процедурите, а неопходна е и транспарентност во работењето.
Според потпретседателката на Групацијата, Арлинда Муја, која е и регионален директор на „Тиго“ за Македонија и Албанија, македонската регулатива за финансиските друштва е најдобра меѓу сите земји од Западен Балкан.
Како што посочија од Групацијата на брифингот со новинарите, во тековното работење доследно се почитуваат одредбите за максимален износ на сите трошоци кои произлегуваат од кредитот, нема рефинансирање на претходно достасан кредит во исто финансиско друштво. Се внимава и на примањата и обврските на барателите на заем.
Особено е силна контролата на личните податоци. И кај друштвата кои целосно се дигитализирани, и кај другите, каде што се уште во тој процес е присутен човечкиот фактор.
„Преку апликацијата на Евротраст се слика личната карта на клиентот. Потоа се врши проверка кај единствениот имател на податоците. Има препознавање на ликот, се утврдува дали е навистина тој човек, се бараат и снимаат гестикулации. Нема можност за грешка. Ние и уште неколку друштва работиме така, но ќе мораат и останатите во согласност со регулативата“, децидна е Мишиќ, која воедно е директорка на „Иуте“.
Исто така, додава, тие што се уште го немаат овој систем, парите одобрени на кредитокорисникот ги префрлаат единствено на неговата банкарска сметка.
Засега овие друштва не се во надлежност на Народната банка. Засега тоа не е можно, вели Јошевски, затоа што нивните клиенти се со нередовни или немаат примања, па не се во можност да добијат банкарски кредит.
„Кога би биле под Народната банка, не би можеле да ги кредитираме. Нобеловецот Мухамед Јунуз, кој се смета за татко на овие финансиски друштва, овозможил кредитирање на посиромашните и придонел за економскиот развој. Верувам, кога и кај нас ќе се порасне животниот стандард, но и со развојот на финансиските друштва, тие ќе бидат под надзор на Народната банка“, наведе
Портфолиото на нефинансиските друштва е 171 милион евра и нивното учество во финансискиот сектор е 1,1 процент.
М.А.