ПОВЕЌЕ

    Недела неработен ден или работен за повисока плата

    Време зa читање: 2 минути

    Недела ќе биде неработен ден, а оние што ќе работат во недела ќе бидат соодветно платени и ќе добијат слободен ден, соопшти вечерва вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

    На гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител”, Битиќи посочи дека пред крај е конечното законско решение и исклучок ќе бидат 34 дејности кои ќе работат и во недела.

    – Вчера имавме Економско-социјален совет и веќе сме пред крајното решение. Имаме уште мали нијанси и сметам дека следната недела ќе ги прецизираме. Она што треба да ги радува граѓаните е дека недела е неработен ден и ден на неделен одмор. Ова е формулацијата што е дефинирана меѓу синдикатите и Организацијата на работодавачи,рече Битиќи.

    Ќе има исклучоци, 34 дејности и дејностите кои се поврзани со соновните дејности. Оние кои ќе работат во недела ќе треба да бидат платени според колективните договори потпишани во секоја гранка и да добијат дополнителен ден одмор, рече Битиќи.

    Она за што уште се разговара е дали слободниот ден ќе треба да биде искористен веднаш во наредната работна недела или до крајот на следната.

    Исто така и Сојузот на синдикати на Македонија соопшти дека е задоволен од одржаната седница на економско социјалниот совет на која се разгледуваше драфт текстот за законското решение за “недела неработен ден”.

    Трипартитниот дијалог ја потврди намерата на Владата и барањето на ССМ – недела да се прогласи за неработен ден, односно според она што денеска се донесе како заклучок, текстот да гласи: „недела е ден за неделен одмор“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично