За еден месец просекот на примањата се намалил за 266 денари. Во февруари статистиката пресметала дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен изнесувала 39.276 денари. Во јануари се зборуваше за 39.542 денари. Или, индексот е 116.5.
Податоците на Државниот завод за статистик велат дека позитивните движења произлегуваат од зголемениот просек на исплатените плати во секторите јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (24,9 %), административни и помошни услужни дејности (22,5 %) и уметност, забава и рекреација (20,4 %).
Месечно намалување, пак, има во транспорт и складирање (10,1 %), рударство и вадење на камен (7,2 %) и земјоделство, шумарство и рибарство (6,3 %).
Вообичаено, највисоки се платите на програмерите, со просек од 93.852 денари. На долната линија се вработените во заштитните и истражните дејности со просечни 22.702 денари кои, всушност, се на нивотo на минималната плата – 22.567 денари.
Гледано по сектори, најнизок е просекот во објекти за сместување и сервисни дејности со храна, со 27.617 денари. А, под општиот месечен просек се платите во снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината – 30.953 денари, па во земјоделство, шумарство и рибарство – 31.362 денари, каде што најнизок, од 24.815 денари е во рибарство и аквакултура. Во групата потпросечни се и примањата во административни и помошни услужни дејности – 31.441, во кои спаѓаат и веќе соменатите заштитни и истражни дејности. Тука е и преработувачката индустрија со просекот од 34.036 денари, врз чие формирање, меѓу другите, влијаат кожарите со најниските просечни 24.036 и фармацијата со највисоките 61.020 денари.
Следуваат транспорт и складирање со 35.641 денар, каде што нивото го крева просечната плата исплатена во воздухопловниот транспорт од 68.356 денари.
Во дејности во врска со недвижен имот февруарскиот просек е 35.889 денари, во трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли – 36.080, во градежништвото 37.637, во уметност, забава и рекреација – 38.405 и во образованието – 38.571 денар. Или, тоа се 11 сектори со потпросечен просек.
Од друга страна, просечната плата во осум сектори ја надминува линијата на февруарскиот нето-просек.
Се работи за дејности на здравствена и социјална заштита со 42.331 денар, јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување со 42.583, други услужни дејности со 44.852 денари. Според висината на исплатената просечна плата следуваат стручни, научни и технички дејности – 44.909 денари, каде што најслабо стојат ветеринарните дејности со 26.526 денари. Во рударство и вадење на камен просекот е 47.287 денари, во снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација – 52.221, а во финансиски дејности и дејности на осигурување – 54.013 денари.
Како и секогаш, највисок просек на исплатена плата има во секторот информации и комуникации, каде што статистиката за февруари забележала 75.760 денари. Во тие рамки се и програмерите, подведени под компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности со просечни 93.852 денари. Во ова друштво најнизок е просекот во издавачката дејност, од 34.681 денар.
М.А.