ПОВЕЌЕ

    Награденото решение за соларен полнач и паркинг – донација од Окта за УКИМ ќе се изгради во рамките на универзитетскиот кампус

    Време зa читање: 3 минути

    Идејното решение на студентките Ивана Попоска и Елена Новеска за соларен полач и паркинг за велосипеди и електрични тротинети ќе се изгради во рамките на универзитетскиот кампус.

    Тимот составен од Ивана Попоска од Факултетот за електротехника и информациски технологии и Елена Новеска од Архитектонскиот факултет – Скопје е победник на конкурсот за избор на идејно решение за соларен полнач и паркинг за велосипеди. Конкурсот беше организиран од компанијата Окта во соработка со Центарот за кариера при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
    Победничкиот проект се истакна во конкуренција на 11 пристигнати решенија, во чија изработка беа вклучени вкупно 30 студенти од техничките факултети при УКИМ. Награда што ја доделува Окта е во износ од 62.000 денари.
    Победничкото идејно решение претставува иновативна комбинација од паркиралиште за велосипеди, фотоволтаичен систем за полнење електрични велосипеди, тротинети и останати електронски уреди, како и простор за одмор и релаксација. Средствата за целосна реализација на овој проект, кој ќе биде изграден на соодветна локација во рамките на кампусот на УКИМ се донација од ОКТА, по повод одбележувањето на 45-годишниот јубилеј на компанијата.
    „Бројот на пријавени тимови и доставени идејни решенија ни потврдуваат дека со овој проект успеавме да ја поттикнеме креативноста на голем број млади стручни луѓе во изнаоѓањето современи решенија кои го унапредуваат квалитетот на урбаното живеење и кои се одржливи, бидејќи го истакнуваат значењето на енергијата од обновливи извори. Истовремено, овој проект е продолжение на стратешката определба на компанијата за инвестирање во одржлив развој и енергетска трансформација, но и потврда на нашите континуирани општествено одговорни активности насочени кон подигнување на јавната и индивидуалната свест за безбедност во сообраќајот“, изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации во Окта АД – Скопје.

    Активност за изградба на соларен полнач и паркинг за велосипеди и електрични тротинети се реализира во соработка со Центарот за кариера при УКИМ.
    „Посветеноста на студентите при реализацијата на проектите кои што беа доставени во рамките на овој конкурс е уште еден показател за апликативно знаење и тимска работа кои ги поседуваат студентите на техничките факултети во состав на најголемиот Универзитет во нашата земја. Целиот овој проект, кој во себе содржи и значајна општествено-одговорна компонента, претставува одличен пример за успешна соработка помеѓу академската и бизнис заедницата, што треба да го следат и останатите чинители во општеството“, истакна професор д-р Јасмина Тониќ Рибарска, раководител на Центарот за кариера при УКИМ.
    Ова е само една од предвидените донации по повод 45-годишнината на Окта, која е во согласност со процесот на трансформација на компанијата кон зелена енергија и претставува дополнување на повеќегодишната општествено одговорната платформа на компанијата, #ЈасВнимавам, наменета за јакнење на свесноста за поголема лична и колективна безбедност во сообраќајот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично