ПОВЕЌЕ

    НА ЗАДОВОЛСТВО И НА ПОЕДИНЦИ И НА ДРЖАВАТА – Нова емисија на граѓанската обврзница

    Време зa читање: 3 минути

    Граѓаните добиваат уште една можност за безбедно и исплатливо вложување на вишокот пари, а државата наместо во странство, на домашен терен ќе се задолжи за нови речиси десет милиони евра. Министерството за финансии го објави Проспектот за втората емисија граѓански обврзници, со вредност како и првата, од 600 милиони денари. Иста е и каматата – пет проценти.

    Аукцијата ќе се одржи на шести или на седми ноември. Според правилата, почнувајќи од денес, па се до шести ноември, заинтересираните ќе можат да вложуваат во овој сигурен финансиски инструмент. Минимум десет илјади денари. Во двете години кои се рок на достасување, инвеститорот ќе добие десетпроцентен принос.

    „По успешно реализираната прва емисија на граѓанската обврзница, за која граѓаните изразија голем интерес, денеска на пазарот ја објавуваме втората емисија. Граѓаните во овој инструмент го препознаа својот интерес и очекуваме дека и овој пат ќе имаме успешно спроведен процес на издавање на граѓанската обврзница. Како што најавивме овој инструмент ќе биде достапен на пазарот за  граѓаните во континуитет и дека ќе продолжиме и во иднина со издавање на нови емисии на граѓански обврзници“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

    На првата аукција на граѓанската обврзница граѓаните пројавија два пати поголем интерес од износот кој беше објавен со Проспектот. И беа запишани граѓански обврзници во износ од 1.448.030.000 денари или над 23 милиони евра.

    Тоа покажува дека пазарот има потреба од нови и креативни инструменти кои носат бенефит за граѓаните од една страна, а се во функција на развојните проекти на државата, се посочува во соопштението од Министерството за финансии.

    Граѓанската обврзница е сигурен и безризичен инструмент, кој на граѓаните им е достапен на многу едноставен начин. Заинтерсираните за запишување на граѓански обврзници можат да се обратат на шалтерите во комерцијалните банки, каде што ќе поднесат барање за учество на аукцијата. Аукцијата ќе се одржи на 6 или 7 ноември 2023 година.

    Покрај граѓанската, како нов производ на пазарот беше воведена и зелената обврзница, за која, исто така, на првата аукција беше изразен голем интерес од страна на инвеститорите. Граѓанската и зелената обврзница, како и проектната и развојната, што ќе бидат воведени во наредниот период, се предвидени со Стратегијата за развој на пазарот на хартии од вредност, Стратегијата за управување со јавниот долг и Планот за забрзан економски раст, наведуваат од Министерството за финансии.

    Инаку, преку овие две обврзници државата се задолжи 23 милиони евра. Воедно, интересот на граѓаните ги надмина очекувањата, пред се поради тоа што каматната стапка е поповолна од банкарските кои се пресметуваат на депозитите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично