ПОВЕЌЕ

    ММФ со заклучок: Монетарната политика на Народната банка влијае врз намалувањето на инфлацијата

    Време зa читање: 2 минути

    Инфлацијата започна да забавува, помогнато од пониските цени на енергијата и храната, но и како резултат на затегнувањето на монетарната политика. Монетарната политика на Народната банка придонесе за стабилизирање на инфлациските очекувања и постепено намалување на инфлацијата. Банкарскиот сектор е стабилен и има доволен капацитет да се справи со последиците од затегнатите финансиски услови и другите шокови. Ова се наведува во заклучоците на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која престојуваше во нашата земја на почетокот од овој месец.

    Народната банка ја продолжи нормализацијата на монетарната политика преку зголемување на каматите, но и преку  користење други мерки за да се осигури дека високата инфлација нема да потрае. Според очекувањата на ММФ, годинава инфлацијата ќе изнесува просечно 9,2 проценти и ќе се намали на 3,5 проценти наредната година. Покрај придонесот за постепено намалување на инфлацијата и стабилизирање на инфлациските очекувања, монетарните мерки придонесоа и за стабилноста на девизните резерви, наведуваат од Мисијата. Имајќи го предвид фиксниот девизен курс на денарот, девизните резерви се најважната алатка во одржувањето на неговата стабилност.

    Мисијата на ММФ посочува дека банкарскиот сектор е ликвиден, профитабилен и соодветно капитализиран. Притоа се укажува дека позитивните тековни услови треба да се искористат за натамошно зајакнување на капиталот. Исто така, ММФ ги поддржува макропрудентните мерки неодамна усвоени од Народната банка, кои се однесуваат на квалитетот на кредитната побарувачка, за кои наведуваат дека се важна алатка за управување со ризиците во секторот недвижнини.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично