Додека Синдикатот и Организацијата на работодавци се убедуваат дали е можно и дали е потребно да се исплаќа минимална плата од 18.000 денари на 110.000 работници, колку што според ССМ примаат „минималец“, порталот „Пари“ побара податоци за тоа какви минимални плати се исплатуваат во регионот и во светот.
Во нашето блиско опкружување, минималната плата во Србија, се пресметува по час, па таа варира од бројот на работните денови. Минималната цена на работниот час во нето износ изнесува 201,22 динари (приближно 110 денари), па јануарската нето-плата е 30.805 динари, или претворено во денари тоа е 17.925 денари. Во Бугарија минимална плата е 650 лева, или 20.720 денари. Минималната нето-плата во Хрватска за 2022 година изнесува 3.750 куни (30.695 денари), што е зголемување за 10,3 отсто во однос на 2021 година и како што пренесоа хрватските медиуми, тоа е првпат, таа да биде над 50 отсто од просечната плата. Собранието на Црна Гора на крајот од минатата година ги усвои измените и дополнувањата на Законот за работа, според кој минималната заработувачка во земјата од јануари 2022 година се зголеми од 250 на 450 евра (27.740 денари). Во Косовo пак, како што јавува Kosovo-online.com минималната плата за оние до 35 години е 130 евра, а за оние над 35 е 170 евра и овие износи со години не се променети. Во Федерација БиХ, минималната плата од почетокот на годинава изнесува 543 конвертабилни марки. Во Албанија минималната плата е 30.000 леки, или 15.193 денари.
МИНИМАЛНИ ПЛАТИ ВО РЕГИОНОТ
Држава | Минимална плата во локална валута | Минимална плата конвертирана во денари |
---|---|---|
Македонија | 18.000 денари | 18.000 |
Србија | 30.805 динари | 17.925 |
Бугарија | 650 лева | 20.720 |
Хрватска | 3.750 куни | 30.695 |
Црна Гора | 450 евра | 27.740 |
Косово | 130 – 170 евра | 8.000 -10.475 |
Федерација БиХ | 543 КМ | 17.106 |
Албанија | 30.000 леки | 15.193 |
Според податоците што ги објави истражувачката платформа worldpopulationreview.com, најголема минимална плата има во Австралија, но интересен податок е дека во друштвото на ТОП 20 земји со најголема минимална плата се наоѓа и Словенија.
ТОП 20 земји со најголема минимална заработувачка во 2020 година (долари/ час)
Држава | долари по час |
---|---|
Австралија | 14,54 |
Луксембург | 13,67 |
Нов Зеланд | 13,18 |
Монако | 11,88 |
Ирска | 11,54 |
Франција | 11,46 |
Велика Британија | 11,37 |
Норвешка | 11,21 |
Белгија | 11,06 |
Германија | 10,68 |
Сан Марино | 10,55 |
Канада | 10,33 |
Јужна Кореја | 8,99 |
Израел | 8,17 |
Јапонија | 7,52 |
Шпанија | 7,30 |
САД | 7,25 |
Андора | 6,72 |
Словенија | 5,84 |
Тајван | 5,26 |
Извор: https://worldpopulationreview.com
АКТУЕЛНАТА МИНИМАЛНА СААТНИНА ВО МАКЕДОНИЈА Е 1,7 ДОЛАРИ
Според дефиниција минималната плата во една земја е најниската сума пари што на работодавачите во таа земја законски им е дозволено да ги платат своите работници за одредена единица работа. Минималната плата обично се пресметува на час или месечно, но повремено може да се појави како дневна или неделно стапка. Во Македонија, минималната плата е утврдена на месечно ниво. Доколку би се утврдила по час, ако земем во просек дека еден месец има 21 работен ден, односно 168 работни часа, тогаш минимално еден час, според сегашната минимална плата од 15.194 денари, сега се плаќа по 90,4 денари, или 1,7 долари.
Сега месечната минимална плата во Македонија е 280 долари, а ако се претворат сатниците во месечна заработувачка, во земјата со најголем минималец – Австралија, минималната плата е речиси 2.500 долари, во Луксембург речиси 2.300 долари, во Германија која е на 10-то место во светот по висината на минималната плата, таа е околу 1.800 долари месечно, а во Словенија е 980 долари.
Редакција Пари