Вештачката интелигенција оди во борба со супербактериите? – Веројатно дека се работи за револуционерен третман на антибиотици или можеби истражување на нови типови или генерации на антибиотици. Како Гугл со скенирање на зениците може да предвиди кардиоваскуларни заболувања? Како се употребуваат роботите во дијагностика или во специфични третмани во медицината? – Веројатно помислувате дека вештачката интелигенција ја транформира и медицината на ист начин како што трансформира многу домени од нашето секојдневие на живеење. Меѓутоа што е специфично кај медицината? – Веројатно фактот дека кога станува збор за медицината ваквите алгоритми овозможуваат побрзо и попрецизно дијагностицирање, системите со вештачка интелигенција можат да обработат голем број на медицински податоци за многу кратко време и да стигнеме до многу брза и многу прецизна дијагностика што е исклучително важно особено кај онколошките пациенти.
Постојат студии коишто покажуваат дека при читањето од снимки на магнетна резонанца системите со вештачка интелигенција постигнуваат дури 90 проценти на прецизност во дефинирање на дијагнозата, што пак од друга страна може да биде особено корисно прво самата таа прецизност, а второ фактот што може да се прочитаат голем број на снимки за кратко време. Системот не бара ниту да спие, ниту да се храни, ниту е изморен, ниту има семејство кое што го чека дома после 8 часа работно време. Што значи дека може да чита снимки 24 часа секој ден, нешто што не е случај со луѓето. Меѓутоа човекот доктор не ја гледа само снимката, гледа каков е реално и целиот контекст, какви симптоми има пациентот, разговара со пациентот, и вклучува емоции во донесувањето на одлуката.
Но, што ако спомнеме дека дури и машините сега може да се потпираат на нова технологија којашто им овозможува да развијат емоции и да имаат континуирана можност за самостојно учење? Таква технологија постои, и таква технологија се развива во Македонија. На оваа тема е и втората епизода од поткастот New Biz, во која гостин на Наташа Велковска е Александар Савевски, претприемач, старт-апчија, инженер и човек којшто маката го натерала да создаде технологија за да и помогне на неговата ќерка Мила којашто има аутизам. Алгоритмот Мила АИ се родил токму така, за да и помогне на Мила, којашто е мотивација за развојот и за истражувањето да стекне нови способности, да се приближи до типичниот развој на нејзините врсници. И операцијата е успешна. Ова е една приказна којашто почнува во Македонија, меѓутоа ја прошетала Америка во потрагата по инвеститори и конечно нашла британски партнер.
„Ова е алгоритам коишто им овозможува на машините да имаат емоции и способност за самостојно учење, иако звучи малку застрашувачки – за компјутерите тоа е нешто што го очекуваат, затоа што колку се они поблиску до нас, толку можеме ние да се исповетиме со нив. Се додека не се случи тоа, секогаш ќе бидат далечни, ќе бидат машини. Во историјата на човекот ниту една претходна технологија не се прилагодила на човекот, ние како луѓе сме тие што сме се прилагодувале на нив. Ова е првпат каде што технологијата пробува да учи од нас, за да стане многу слична на тоа што ние го знаеме“, вели Савевски.
Алгоритмот Мила настанал како резултат на напорите на Александар да најде алтернативно решение за неговата ќерка Мила, на која ѝ бил дијагностициран аутизам и успорен развој, за што медицината немала решение.
„Со помош на Фондот на иновации и технолошки развој добивме средства, покажавме и докажавме дека компјутерите можат да имаат емоции. Интересно е да споменеме дека ние ја поставивме првата техничка дефиниција за емоции во светот, каде не се користи биолошкиот термин хормони, тоа само по себе е веќе историја. Исто така, спротивно на нашите очекувања, дека сме рационални суштества, нашата технологија го потврдува токму спротивното и тоа воопшто не е лошо, зашто ако не било така еволуциски ќе сме изумреле. Со помош на функционалноста емоции, Мила АИ е способна да спознае кои работи се нови од сигналите кои ги добива, исто така токму заради емоциите може да ги менува своите приоритети, како ние што ги менуваме и се адаптираме на промената во функционалностите на нашето тело“, потенцира Савевски.
Заради начинот на кој што е изградена, вели тој, овој тип на вештачка интелигенција е и поотпорен на можни манипулации со информациите, со кои некогаш многу лесно може да се излажат сегашните модели.
Во однос на разликата помеѓу производот и технологијата, Савевски дава пример за позната технологија како ласер, за која и научниците кои што ја откриле не знаеле што точно да прават со неа. Денес ласерите се секаде околу нас. Имаат примена во телекомуникациите, медицината, науката, мерни инструменти итн. Од друга страна нови производи се појавуваат на пазарот секој ден, но технологијата ласер е истата онаа од пред 60-тина години.
„Мила АИ е технологија нешто налик на она што претставува ласерот. Во нашиот случај тоа се група на нови алгоритми кои ги создадовме затоа што оние кои моментално се користат во вештачката интелигенција не можевме да ги искористиме за да ја добиеме посакуваната функционалност. Со други зборови започнавме сосема од почеток“, објаснува Савевски.
Мила АИ и покрај тоа што комерцијално се користи како вештачка интелигенција, помага и на децата со аутизам полесно да станат поактивни членови во општеството, да станат потипични.
„На начинот на којшто ја тренираме вештачката интелигенција, можеме да ги „тренираме“ децата. Успеав да и помогнам на ќерка ми. После Мила има уште два успешни случаи каде што има голем напредок“, укажува Савевски.
После тоа, со знаењето што го добиле од целиот тој процес, создале нова технологија на вештачка интелигенција и ја основале Си-мАИнд. Со комплетирање на нивниот протокол, вели, може да се продолжи онаму каде модерната медицина застанува и да се овозможи децата со потешкотии во развојот, да добијат алтернатива за нормален развој. Сега за иновацијата Мила АИ на Савевски има широк интерес.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast