Кога на македонскиот пазар се појавија компаниите кои се занимаваат со микрофинансирање, или кај нас познати како компании за брзи кредити, во јавноста беа пречекани со голема доза на скептичност и недоверба. Македонскиот потрошувач на кредити беше навикнат на користење на класичните банкарски производи (потрошувачки кредит, кредитни картички, револвинг кредити и дозволено пречекорување), во јавноста се наметна став за неефективноста на производите поради нивните високи трошоци и истите беа атрактивни само за одредена група на клиенти за кои немаше втора опција. Донекаде таквите ставови се оправдани ако се земе во предвид маркетинг стратегијата и реалните високи трошоци изразени преку СВТ во % (стапка на вкупни трошоци над 40%). Од друга страна, истите се регулирани од страна на министерството за финансии(за разлика од банкарскиот сектор кој е регулиран од централната банка). Во едно такво опкружување и досегашното искуство од првите неколку години на функционирање се поголеми се дискусиите дека стартот беше погрешно интерпретиран и дека постоењето на финансиските друштва е далеку од патеката по која треба да се движат. Во однос на законската регулатива и можностите за делување на овие финансиски друштва најбитни елементи се однесуваат на минималното ниво на потребен оснивачки влог, кое е дефинирано на 6.000.000 МКД, додека нивото на одобрени кредити може да биде 10 пати повисоко од основниот влог. Од аспект на деловните активности кои може да се извршуваат, листата е следна: кредити, картички, факторинг, гаранции, финансиско советување, изнајмување на имот и оперативен лизинг.
Идеата за микрокредитирањето почна да се развива во 70-тите години од страна на американски финансиски групации, пред се во неразвиените афрички земји, а замислата беше да се поддржат најсиромашните слоеви на население(оние со доход под 2$), одредени социјални групи(пред се женската популација), поддршка на новоотворените бизниси и стартапи и самостојните земјоделци. Од овие идеи кај нас многу малку е имплементирано. Она што се форсира е купувањето на рати преку склучени договори со трговци, класични потрошувачки кредити и финансирање на половни возила.
Основната идеа е на овој текст е укажување на важноста од постоењето на овие финансиски друштва, можноста за зголемена интеграција во финансискиот свет, бенефитите кои може да се искористат од ваквите производи и начинот на функционирање. Кога корисниците подобро би ги познавале производите, истите поадекватно би се користеле.
- Основната намена на овие производи е задоволување на краткорочните потреби за финансирање на физичките лица, а користењето на истите треба многу паметно да се размисли од аспект на можноста за нивна редовна отплата. Периодот на отплата треба да биде што пократок и средствата треба да бидат наменети за остварување на дополнителна корист. Таа корист може да биде валорирана преку задоволување на одредени дневни или неделни потреби, користење на средствата за образовен процес, започнување на сопствен мал бизнис и сл.
- Износот на каматната стапка е релативно низок, но она што ги зголемува вкупните трошоци за кредитот се административните трошоци, дополнителните трошоци за одредени барања на клиентите(изводи, картички, пинови, пресметки за ликвидации и потврди за подмирени обврски). Сето ова може многу да се одрази врз вкупната цена на чинење. Треба да се има во предвид фактот дека изворот на средства на овие финансиски друштва е со многу повисока каматна стапка од изворите на средства на банкарските корпорации, а исто така нивната големина е ограничувачки карактеристика при користење на економијата од обем.
- Од аспект на идните можности за развој на овој сектор може да се издиференцираат следните сегменти:
- Развој на мрежа со банкомати на кои корисниците ќе може да ги извршуваат своите оперативни активности поврзани со користење на производите. Во останатите држави постојат банкомати за кои не е потребна ниту картичка, а со помош на дигиталната технологија може да се реализираат најразлични трансакции.
- Специјализирани кредитни продукти преку оперативен лизинг за одредени бизнис сегменти. Потребата од еден ваков производ значително ќе ги зголеми инвестициските можности на новите претприемачи, а сето тоа ќе придонесе за зголемено ниво на технолошка опременост и поквалитетни производи. Со оглед на тоа што важиме за земјоделска земја, сличен производ може да се генерира за обнова на механизацијата и приклучните алати за сезонска употреба.
- Со оглед на тоа што аукциите се повеќе се застапени во нашето секојдневие, се наметнува потреба од користење на гаранции. Еден ваков производ значително ќе го олесни пристапот до потребната документација и на брз и ефикасен начин ќе се зголеми ефикасноста на наддавањето.
Пред финансиските друштва се чини има долг пат кој мора да го поминат, пред да може да се каже дека се комплетен сегмент кој ќе задоволува една издиференцира група. Таа целна група сепак не треба да биде постојана, односно еден клиент не би требало постојано да ги користи овие производи, туку тие да бидат пропратен елемент при остварување на едни повисоки и подолгорочни финансиски цели. Нивното постоење ги зголемува можностите за користење на финансиски услуги скоро за секого, а токму тоа е главната определба за нивна поддршка во развојот на финансискиот систем.
Автор: Стручен соработник на Пари