Во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата што ја предводат не постои намера да се оди на предвремени парламентарни избори. Целта е целосно да се заокружи мандатот добиен од граѓаните, до 2028 година. Сепак, владејачката партија мора да биде подготвена да одговори на тој предизвик, доколку опозицијата „фрли ракавица“ и ја отвори темата за предвремено излегување на гласање, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Во поткастот „Каде се парите?“ со Горан Теменугов, тој нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ нема план за скратување на мандатот:
„Ние немаме таков план. Нашата замисла, нашата цел и амбиција е да го истераме мандатот овие четири години, бидејќи ние сме го добиле тој мандат од граѓаните. На крајот од денот би било несериозно и политички неодговорно ако ние сега во јуни и јули правиме реконструкција, а веќе во јануари да имаме техничка влада“.
Според него, изјавите за можни предвремени избори не значат дека Владата подготвува такво сценарио, туку дека мора да биде подготвена за политичките предизвици.
„Опозицијата еден период се засили, велеа дека се консолидирани, дека им се приклучуваат голем број интелектуалци, млади и така натаму и дека се подготвени да дојдат на предвремени парламентарни избори. Јас тоа го почувствував како фрлена ракавица и во рамките на тоа, ние како ВМРО-ДПМНЕ мораме да бидеме секогаш подготвени да одговориме“.
Тој нагласи дека политичките пораки на опозицијата не мора да значат дека постои парламентарно мнозинство за уривање на Владата, но дека тие сепак мора да се анализираат.
„Ние се подготвуваме да си го истераме мандатот сите четири години, но политичката порака не значи дека тие треба да имаат парламентарно мнозинство, па да падне Владата. Политичка порака е и она што го кажуваат на прес-конференциите. Колку и да се тие маргинални во моментов како опозиција, тие се сепак опозиција, испраќаат пораки и ние ги препознаваме“.
Мицкоски во разговорот направи и временска проекција доколку изборите се одржат во редовниот термин. Тоа би значело техничка влада на крајот на 2027 или почетокот на 2028 година, парламентарни избори во април 2028 година и формирање нова влада пред летото истата таа година. Потоа би следувале претседателските избори и локалните избори во 2029 година.
„Ќе имаме двегодишен циклус на избори, од почетокот на 2028 година до крајот на 2029 година“, оцени тој.
Сумирајќи ја својата позиција, премиерот повтори дека Владата е определена да го заврши мандатот, но нема да остане без одговор доколку биде предизвикана од опозицијата.
„Ние како политичка партија и како Влада сме определени да го истераме мандатот. Но, исто така сме подготвени, доколку опозицијата фрли ракавица за предвремени избори, да одговориме на тоа“, порача Мицкоски.
Аналитика








